РАМА ГО „ОДБРАНИ“ ЗЕЛЕНСКИ Украина греши за Косово, но слободата не е трговија

Албанскиот премиер реагираше на критиките што следуваа откако шефот на Украина во Белград повтори дека Украина нема да го признае Косово. Рама порача дека поддршката за Украина не може да зависи од ставот на Киев кон Приштина.

91

Албанскиот премиер Еди Рама застана во одбрана на поддршката за Украина. Реакцијата следуваше по новите тензии предизвикани од ставот на Володимир Зеленски за Косово.

Неодамна, Зеленски во Белград повтори дека Киев нема да ја признае независноста на Косово. Изјавата предизвика реакции и во Приштина и во Тирана.






Рама денеска порача дека Украина може да греши за Косово. Сепак, според него, тоа не го менува нејзиното право да се брани од руската агресија.

Геополитичкиот калкулатор проработел за помалку од еден час

„Мојот драг пријател Володимир Зеленски стоеше во Белград и рече дека Украина не го променила својот став и нема да го признае Косово. Не помина ниту еден час, а најгласните националисти во Тирана и во Приштина веќе посегнаа по геополитичкиот калкулатор“, напиша Рама на платформата Икс.

Тој додаде дека дел од критичарите дури почнале да навиваат за Русија.

„Каква штета е да се изгуби од вид едноставната вистина дека слободата не функционира по принципот на враќање на парите“, порача Рама.

Според него, противењето на агресивна војна не претставува услуга за која подоцна се очекува противуслуга.

Две вистини што Рама ги смести во иста реченица

Рама беше директен и за ставот на Киев кон Косово.

„Украина може да биде, и да е, погрешна кога станува збор за Косово. Но, нејзиното право на слобода останува неоспорно“, напиша албанскиот премиер.

Тој оцени дека Албанија може истовремено да го поддржува Косово и да остане на страната на Украина.

„Овие две вистини можат совршено да се вклопат во истата реченица. Албанија е доволно зрела да ги прифати обете и ќе го стори тоа“.

Знамето во Приштина падна по изјавата во Белград

Реакциите почнаа веднаш по посетата на Зеленски на Србија. Големиот сино-жолт транспарент со натпис „Слободна Украина“ беше отстранет од главниот пат во Приштина.

Тој стоеше таму од 2022 година како знак на солидарност со Украина.

Градоначалникот на Приштина, пак, Перпарим Рама, порача дека сочувството со народите погодени од војна останува. Но, нагласи дека почитувањето мора да биде заемно.

Посетата на Зеленски во Белград беше проследена со големо внимание и поради шпекулациите дека Србија тајно ѝ обезбедува муниција на Украина во замена за непризнањето на Косово.

Зеленски во Белград првпат се сретна со српскиот претседател Александар Вучиќ. Украинскиот претседател потоа повтори дека позицијата на Киев за непризнавање на Косово останува непроменета.

Поврзани содржини