ВО СРЕДАТА ИМАЛО 52 ПОЖАРИ, 6 УШТЕ АКТИВНИ Најтешко е во Студеничани и во Македонски Брод

Вчерашниот ден, среда, 12 август, бил најтежок од почетокот на новата сезона на пожари, вели првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување. Дополнителен проблем создава депонијата „Краста“ во Куманово, која сè уште чади.

1

Најмалку 52 пожари на отворен простор биле регистрирани во средата, 12 август, низ Македонија, најмногу од почетокот на летото. Пожарникарите изгаснале 46, додека 6 жаришта останале активни, соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Покрај старите жаришта, денеска избувнале и нови пожари. Најголем предизвик, според Ангелов, остануваат Студеничани и Македонски Брод.






– Вчерашниот ден беше најтежок од почетокот на новата сезона на пожари. Имавме најмалку 52 пожари на отворен простор – изјави Ангелов.

Огнот тешко се скротува во Студеничани

Особено тешка е состојбата кај Рамни Габер, во Општина Студеничани. Огнот се шири низ стрмен и тешко пристапен терен со густо жбуње и со дрвја.

Таму дејствуваат трите ер-трактори на ДЗС. На терен се и специјалните тимови на Дирекцијата и скопските пожарникари.

Пожарникарите дежурале и во текот на ноќта за огнот да не се приближи до населените места.

25 доброволци влегле во карпестиот предел

Трет ден гори и кај Драгов Дол во Општина Македонски Брод. Карпестиот и непристапен терен го отежнува гасењето, а воздушната поддршка не ги дала очекуваните резултати.

ДЗС испратила модул од 25 доброволни пожарникари и петмина оперативци. Тие стигнале до линијата на огнот и успешно дејствувале врз еден од краците.

– Останува оган уште во еден дол. Оптимист сум дека денеска и утре овој пожар ќе биде целосно изгаснат – рече Ангелов.

Кај Прилеп пожарот бил ставен под делумна контрола. Огнот зафатил штала во која имало складирано тутун.

Активни пожари биле регистрирани и кај Старо Балдовци, Маково, Муждивњак и во Лозани. Според Ангелов, пожарот кај Лозани може да прерасне во голем пожар.

„Краста“ продолжува да чади

Дополнителен проблем има во Куманово. Депонијата „Краста“ сè уште не е целосно изгасната по вчерашниот пожар.

Директорот на ЈП „Чистота и Зеленило“, Сашо Томиќ, рече дека екипите интензивно работат на терен.

– Депонијата сè уште чади, работиме интензивно. Тоа е хроничен, познат проблем – изјави Томиќ.

Претпријатието побарало дополнителна механизација од Владата, Општината и од Центарот за управување со кризи.

На депонијата работат една изнајмена машина и една машина на претпријатието. Екипите нанесуваат земја врз критичните места.

Томиќ објасни дека метанот создава нови проблеми. Додека едни места се санираат, чад се појавува на други.

– Потребни ни се градежни машини, булдожери и дополнителна механизација – рече Томиќ.

Поврзани содржини