СИЉАНОВСКА ДАВКОВА ИМА ДВЕ ДРЖАВЈАНСТВА Шокантно признание на македонската претседателка
Освен македонски, Гордана Сиљановска Давкова поседува пасош на уште една горда и бунтовна република. Погодете која!
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова откри дека сè уште со гордост го чува својот вевчански пасош. Таа се обрати на Свечената академија „30 години Општина Вевчани“, одржана во Вевчани.
Нејзината порака дојде во деновите кога Вевчани се потсетува и на Вевчанските настани од 1987 година.
„За мене, Вевчани е синоним за Република, место со сопствен дух, карактер и традиција“, објави Сиљановска-Давкова.
Вевчанските настани од август 1987 година почнаа со отпорот на жителите против зафаќањето вода од Вевчанските Извори. Полициската интервенција на 7 август предизвикала судири, апсења и повредени, а случајот подоцна прерасна во еден од препознатливите симболи на граѓанскиот отпор во последните години на југословенскиот социјализам.
Пасош од една поинаква „Република“
Претседателката откри и зошто Вевчани за неа има посебно значење.
„Напати велам дека имам двојно државјанство, не само македонско, туку и вевчанско, а вевчанскиот пасош сè уште го чувам, небаре горда вевчанка“, напиша таа.
Сиљановска-Давкова потсети дека уште во 1990-тите јавно го поддржувала барањето Вевчани да биде самостојна општина.
Како членка на вевчанската Академија за убави уметности, вели дека говорела, пишувала и аргументирала во прилог на тоа барање.
Бунтовноста што се пренесува низ генерации
Претседателката го опиша Вевчани како место на бунтовност, отпор и себепочит. Во објавата ја истакна и неговата поврзаност со Виа Игнација.
„Има ли нешто поважно од тоа да се зачува место што е синоним за Виа Игнација, за бунтовност, за отпор, за себепочит и за немирен дух којшто создава, критикува и опстојува, пренесувајќи ги тие вредности од генерација на генерација?“
Таа им се заблагодари на вевчанци кои придонеле за развојот на општината.
„Честитки, со искрени желби Вевчани и понатаму да остане оригинално, оригинерно и автентично“, се вели во објавата на претседателката.