НОВА БЕЗБЕДНОСНА ОСКА НА БЛИСКИОТ ИСТОК Саудиска Арабија има пари и нафта, Турција војска, а Пакистан нуклеарни бомби – на повидок моќен воен сојуз

Трилатералниот договор меѓу Ријад, Анкара и Исламабад, што треба да се потпише денеска, доаѓа во период на сериозни регионални тензии и може да ја промени безбедносната архитектура на Блискиот Исток и Јужна Азија.

438

 

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф и саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман денеска во Џеда треба да потпишат трилатерален договор за заедничка одбрана, со што ќе биде формализирана нова стратешка безбедносна соработка меѓу трите највлијателни сунитски држави во регионот. Средбата се одржува во исклучително чувствителен момент, кога Блискиот Исток е потресен од новата криза поврзана со Иран, а безбедноста на енергетските рути повторно е доведена во прашање.






Иако официјалниот текст на договорот сè уште не е објавен, повеќе извори наведуваат дека тој е резултат на речиси едногодишни преговори, кои значително се забрзале по најновата ескалација на конфликтите во регионот. Засега не е познато дали договорот ќе содржи клаузула за автоматска воена помош, но се очекува да опфати заеднички воени вежби, координација на безбедносните политики, развој на одбранбената индустрија и размена на разузнавачки информации.

Секоја од трите сунитски држави има стратешки капитал

Новиот пакт се надоврзува на стратешкиот договор за меѓусебна одбрана што Саудиска Арабија и Пакистан го потпишаа во 2025 година. Со него двете земји се обврзаа секој напад врз една од нив да го сметаат за напад врз двете, а сега во таа безбедносна архитектура се приклучува и Турција – земја со една од најсилните армии во НАТО и брзо растечка домашна воена индустрија.

Во практична смисла, секоја од трите држави носи различен стратешки капитал. Саудиска Арабија располага со огромни финансиски ресурси и еден од најголемите светски производители на нафта. Турција располага со модерна армија, значајно борбено искуство и развиена индустрија за беспилотни летала, ракети и оклопни системи. Пакистан, пак, е единствената муслиманска држава што поседува нуклеарно оружје и има една од најголемите армии во светот.

Аналитичарите сметаат дека договорот претставува сигнал дека регионалните сили сè повеќе сакаат сами да ја градат својата безбедносна архитектура, наместо целосно да зависат од американските безбедносни гаранции. Во последните години Ријад води поавтономна надворешна политика, Турција настојува да стане самостоен геополитички центар, а Пакистан бара нови механизми за зајакнување на својата позиција во време на растечки регионални ризици.

Договорот истовремено има и економска димензија. Сите три држави имаат интерес да ги заштитат поморските патишта низ Црвеното Море, Персискиот Залив и Ормутскиот Теснец, преку кои минува значителен дел од светската трговија со нафта и течен природен гас. Секоја нова нестабилност во тие води веднаш се одразува врз цените на енергенсите и врз глобалните финансиски пазари.

Турција е воена велесила и клучен играч во регионот

За Турција, договорот претставува и можност дополнително да го прошири извозот на сопствената воена технологија. Во последните години турските беспилотни летала, оклопни возила и ракетни системи станаа значаен извозен производ, а соработката со богатите заливски држави отвора простор за нови заеднички инвестиции и производство.

Турција денес располага со една од најмоќните армии во НАТО и е меѓу десетте најсилни вооружени сили во светот според повеќе воени рангирања. Активниот состав брои околу 481.000 војници, а дополнително има околу 380.000 резервисти и околу 150.000 припадници на паравоени сили. Во воздухопловството земјата располага со повеќе од 1.100 летала, меѓу кои околу 200 борбени авиони (главно Ф-16), повеќе од 500 хеликоптери, од кои над 110 се борбени, како и десетици транспортни и специјализирани авиони. Копнените сили имаат околу 2.300 тенкови, повеќе од 98.000 воени возила, над 1.000 самоодни артилериски системи и стотици повеќецевни ракетни фрлачи.

Турција е особено силна во областа на беспилотните летала – со системите Бајрактар TB2, TB3, Акнџи, Анка и други. Турскиот Генералштаб годинава објави дека земјата е светски лидер во употребата и оперативното управување со вооружени и невооружени дронови. Покрај бројноста, Анкара денес се издвојува и по тоа што голем дел од оваа техника ја произведува во сопствената одбранбена индустрија.

Пакистан е единствената исламска држава со нуклеарни боеви глави

Пакистан е единствената исламска држава што поседува нуклеарно оружје и според најновите проценки има околу 170 нуклеарни боеви глави, распоредени за испорака преку балистички ракети со краток и среден дострел, крстосувачки ракети и борбени авиони, при што арсеналот и понатаму се модернизира.

Покрај нуклеарното одвраќање, земјата располага со околу 660.000 активни војници (од кои околу 560.000 се во копнената војска), повеќе од 575.000 резервисти, околу 2.570 главни борбени тенкови, над 4.600 артилериски орудија, повеќе од 6.000 оклопни борбени возила, околу 465 борбени авиони (вклучувајќи Ф-16, ЏФ-17 Thunder и J-10C), повеќе од 260 хеликоптери, како и морнарица со 8 подморници и 12 фрегати. Благодарение на овој арсенал,

Пакистан се смета за една од најмоќните воени сили во Азија и е рангиран меѓу петнаесетте најсилни армии во светот според повеќе меѓународни воени анализи.

Како ќе се одрази пактот на безбедносната ситуација во Иран?

Од геополитички аспект, создавањето на ваков триаголник може да влијае врз односите со Иран, но и врз политиките на САД, Кина и Русија во регионот. Иако засега нема официјални изјави дека пактот е насочен против конкретна држава, времето на неговото потпишување остава малку простор за сомнеж дека безбедносната ситуација околу Иран била главен катализатор за забрзување на договорот.

Доколку соработката што че се договрои во Џеда се претвори во траен политички и воен механизам, Саудиска Арабија, Турција и Пакистан би можеле да оформат нов центар на моќ што ќе има влијание далеку надвор од Блискиот Исток – од енергетската безбедност до рамнотежата на силите во поширокиот евроазиски простор, анализираат светските медиуми.

Поврзани содржини