🎥 МЕТ ДАЈМОН И БЕН АФЛЕК ОСТАНАЛЕ ШВОРЦ ПО УСПЕХОТ НА „ДОБРИОТ ВИЛ ХАНТИНГ“ Двајцата пријатели добија Оскар, но мораа повторно да бараат работа

Култниот филм им донесе огромна слава и пари, но Мет Дејмон откри дека со Бен Афлек брзо го потрошиле првиот голем хонорар и повторно останале без финансиска сигурност. Токму очајот ги натерал да го напишат сценариото што им ги промени животите.

61

Мет Дејмон откри дека тој и Бен Афлек речиси останале без пари кратко време откако го доживеале огромниот успех со филмот „Добриот Вил Хантинг“, за кој заедно го напишаа сценариото наградено со Оскар.

За финансиските проблеми од почетокот на кариерата зборуваше во дел од интервјуто за подкастот „New Heights“, кое деновиве повторно стана вирално.






Дејмон на браќата Тревис и Џејсон Келси им раскажа како изгледал нивниот прв голем хонорар.

– Сценариото го продадовме за 600.000 долари. Тогаш тоа ни звучеше како незамислива сума пари – вели Дејмон.

Но, по даноците, провизиите за агентите, адвокатите и останатите трошоци, на секој од нив му останале помалку од 150.000 долари.

– Првото нешто што го направивме беше да купиме нови Jeep Grand Cherokee – се присетил Дејмон. Потоа изнајмиле стан во Лос Анџелес, но многу брзо сфатиле дека парите нема да траат долго.

– Си рековме: Човече, мораме да најдеме нова работа. Кога го продадовме сценариото, бевме убедени дека финансиски сме обезбедени за цел живот. А една година подоцна практично немавме пари – раскажа тој.

На прашањето дали навистина останале без сè, Дејмон низ смеа вели: Па… не бевме баш на нула, но бевме многу блиску.

Една одбиена улога им ги промени кариерите

Минатиот месец Дејмон откри дека токму неуспешната аудиција за филмот „Исконски страв“ ги поттикнала него и Афлек да го напишат „Добриот Вил Хантинг“.

– Тоа всушност беше моментот што нè натера да почнеме да пишуваме – изјавил тој во емисијата „GOAT Talk“.

За улогата во криминалистичкиот трилер се пријавил и Дејмон, но ја добил Едвард Нортон.

– Едвард беше фантастичен и целосно ја заслужи таа улога – рече Дејмон.

После тоа двајцата сфатиле дека тешко ќе се пробијат ако само чекаат некој да им понуди работа.

– Се погледнавме и сфативме дека таква можност за непознат актер можеби никогаш повеќе нема да се појави. За една таква улога се пријавуваат 10.000 луѓе – објасни актерот.

Затоа решиле сами да создадат прилика и почнале да го пишуваат сценариото за „Добриот Вил Хантинг“.

– Навистина се фрливме на работа. Го напишавме речиси од очај. Тоа беше нужност. Тешко е да се успее во овој бизнис, а најтешко е да се добие првата шанса – рече Дејмон.

Филмот што им го промени животот

Драмата „Добриот Вил Хантинг“ премиерно беше прикажана во 1997 година. Дејмон и Афлек го напишаа сценариото, но ги играа и главните улоги, а во филмот се појавија и Робин Вилијамс, Мини Драјвер и Стелан Скарсгард.

Филмот ја следи приказната за Вил Хантинг, чувар кој е математички гениј и психотерапевтот кој му помага да го пронајде својот животен пат.

Со буџет од 10 до 16 милиони долари, филмот заработи околу 225 милиони долари во светските кина. Беше номиниран за девет Оскари, а освои два – Робин Вилијамс за најдобар актер во споредна улога, додека Дејмон и Афлек го добија Оскарот за најдобро оригинално сценарио.

Дејмон и Афлек се пријатели уште од детството, а низ годините заедно работеа на филмовите „Последниот дуел“, „Air“ и „The Rip“. Во 2022 година ја основаа и сопствената продукциска куќа Artists Equity.

 

Поврзани содржини