ИЗВОРОТ НА МАКЕДОНСКИОТ СУВЕРЕНИТЕТ На заседанието на АСНОМ македонскиот народ сам одлучи да создаде држава, дел од југословенската федерација
Во повеќе документи на заседанието на АСНОМ на 2 август 1944 година во манастирот „Прохор Пчински“ јасно е изразена суверената волја на македонскиот народ за формирање своја држава, федерална единка во рамките на југословенската федерација. Овие документи се јасна потврда дека независна Македонија не е ниту „версајска“ или „титовска“, ниту „коминтерновска“ творба. Осамостојувањето на Македонија во 1991 година беше израз на неспорната државотворна волја на македонскиот народ.
Илинден, којшто денес го одбележуваме како национален и државен празник, е многу повеќе од спомен на востанието од 2 август 1903 година. На истиот датум во 1944 година, во манастирот „Св. Прохор Пчински“, македонскиот народ на Првото заседание на АСНОМ се конституира како државотворен субјект и ја изрази својата волја да создаде сопствена држава во рамките на новата југословенска федерација. Вториот Илинден е темелот врз кој се надгради и независноста од 1991 година.
Во прогласот на заседанието на АСНОМ, меѓу другото, се вели:
„Удрени се темелите на македонската федерална држава во нова демократска и федеративна Југославија На 2 август 1944 година – Илинден – се свика првото историско Антифашиско собрание на народното ослободуење на Македонија – АСНОМ. 122 полноправни представители, синови и ќерки на македонскиот народ, испитани низ маките и искушенијата на Народно-ослободителната борба, собрани на своето прво заседание во манастирот “Св.Прохор Пчински“, во присаствие на делегатите: од Врховниот Штаб на Маршал Тито, војните сојузнички мисии и на Главниот штаб на Србија, ја изразија суверената воља на својот народ и ги донесоја следните решенија:
Македонија ја прогласи за федерална држава, во нова демократска федеративна Југославија. Народното собрание се конституира во врховно законодателно и исполнително представителство на македонската федерална држава.“ (…)
Заседанието на АСНОМ има уставотворен, а не само политички декларативен карактер
На заседание на АСНОМ во манастирот „Прохор Пчински“ била усвоена Декларацијата за основните права на граѓаните на Демократска Македонија, но изворната сувереност најдиректно е формулирана во посебното Решение со кое АСНОМ бил прогласен за врховно законодавно, извршно и народно претставничко тело и за највисок орган на државната власт.
Првиот член од тоа решение започнува со повикување на суверената волја и на правото на самоопределување на македонскиот народ. Членот 1 гласи:
„Основајќи се на суверената воља и правото на самоопределение на народот на Македонија, чии верни толкователи се представителите во ова Собрание, а во согласие со решениата донесени на ИИ заседание на АВНОЈ (Антифашистичкото веќе на народното ослободување на Југославија) во град Јајце – 29 ноември 1943 година – Антифашиското собрание на народното ослободуење на Македонија (АСНОМ) се конституира во врховно законодателно и исполнително представително тело на Македонија и (на) македонската држава, како равноправна федерална единица во демократска Федеративна Југославија.“
Ова е клучната државно-правна формулација во овој документ: новата македонска држава не е административна единица создадена со туѓ декрет, туку ентитет како резултат на правото што му припаѓа на самиот народ и на неговата политички изразена волја.
АСНОМ истовремено се прогласил за носител на државната власт во Демократска Македонија. Со тоа бил воспоставен сопствен македонски орган со законодавни и извршни овластувања, бил избран Президиум, бил уреден начинот на работа на Собранието и биле поставени основите на институционалниот поредок. Поради тоа, заседанието има уставотворен, а не само декларативен или симболичен карактер.
АВНОЈ ги удри темелите на федерацијата, но АСНОМ одлучи Македонија да биде дел од неа
Во настаниоте што му претходат на заседанието на АСНОМ, треба да се нагласи дека на Второто заседание на АВНОЈ, одржано на 29 ноември 1943 година во Јајце, донесена е одлука новата Југославија да биде изградена како федерација заснована врз рамноправноста на нејзините народи, со што била отфрлена предвоената централизирана монархија. На македонскиот народ првпат му било признаено местото на рамноправен државотворен народ во заедничката федерација.
Ова, пак, не значи дека македонската држава е создадена или „октроирана“ на заседанието на АВНОЈ, бидејќи одлуките од Јајце сами по себе не биле доволни за конституирање на македонската држава. Тоа го направил АСНОМ осум месеци подоцна, во Македонија и преку македонско народно претставништво. На тој начин се споиле две политички волји: заедничката одлука за федеративно уредување на Југославија и посебната суверена одлука на македонскиот народ да создаде своја федерална држава и да влезе во таа заедница.
Ова е суштинскиот аргумент против тезата дека федеративниот статус на Македонија бил само наметнат од Комунистичката партија на Југославија, од Тито или од победничките сојузнички сили. За таа теза се водеа жестоки дебати кон крајот на 1980-тите и во почетокот на 1990-тите години, пред распаѓањето на федерацијата. Исто така, оваа теза се совпаѓа и со тврдењата на официјалната бугарска историографија дека Македонија и македонскиот народ се творба на Коминтерната и на југословенските комунисти на чело со Тито.
Југословенската федерација не го негира македонскиот изворен суверенитет
Несомнено е дека АСНОМ дејствувал во рамките на народноослободителното движење предводено од КПЈ и во услови на војна, а не во услови на современи повеќепартиски избори. Но, неговите акти недвосмислено ја формулираат Македонија како држава создадена врз основа на самоопределувањето и на суверената волја на македонскиот народ.
Федералното уредување на Југославија после Втората светска војна не значело откажување од македонската државност. Напротив, федерацијата била замислена како сојуз во кој Македонија влегува како посебна државна единица, со сопствени органи, територија, народ и јазик. АСНОМ на истиот ден го прогласил македонскиот народен јазик за службен јазик во македонската држава, со што државноста добила и неспорна и јасна национална и културна содржина.
АСНОМ се определи за модерна и демократска Македонија
Декларацијата за основните права на граѓаните ја покажала и политичката природа на новата држава. Таа прогласила еднаквост пред законите без оглед на народноста, полот, расата и вероисповедта, права на националните малцинства, слобода на совеста, говорот, печатот, собирањето и здружувањето, како и општо и тајно избирачко право. Така, државното самоопределување било поврзано со граѓански права и со рамноправност на населението.
Со посебно решение, АСНОМ го прогласил 2 Август за народен државен празник на македонскиот народ и македонската држава. Во документот Илинден е определен како симбол на борбите за конечно ослободување и за создавање „слободна и суверена Федерална македонска држава“. Со тоа, новата државност од 1944 година свесно била поврзана со илинденската традиција од 1903 година.
Декларацијата за независност и Референдумот – зацвсртување на македонскиот суверенитет
Истата државноправна логика повторно се појавила во 1991 година, кога југословенската федерација се распаѓала. На 25 јануари Собранието ја усвоило Декларацијата за сувереност на Социјалистичка Република Македонија, во која се повикало на правото на македонскиот народ на самоопределување, вклучувајќи го и правото на отцепување. Во неа било утврдено и дека Македонија како суверена држава самостојно ќе одлучува за идните односи со другите југословенски републики.
На референдумот од 8 септември 1991 година граѓаните се изјасниле за „суверена и самостојна држава Македонија, со право да стапи во иден сојуз на суверените држави на Југославија“. Формулацијата ја повторила суштината на асномскиот принцип: Македонија прво е носител на сопствен суверенитет, а потоа слободно решава дали и со кого ќе се здружува. Затоа независноста од 1991 година претставува остварување на истата изворна суверена волја на македонскиот народ, но во нови историски околности.