ПРОДУЦЕНТ ГО ТУЖИ НЕТФЛИКС ЗА 105 МИЛИОНИ ДОЛАРИ Исчезнал филм со Николас Кејџ и Бен Кингсли

Продуцентот Сајмон Афрам тврди дека Нетфликс не успеал да го заштити филмот „Fortitude“, во кој главната улога ја има Николас Кејџ, и бара отштета од 105 милиони долари.

34

Продуцентот Сајмон Афрам поднесе тужба против Нетфликс во вредност од 105 милиони долари, обвинувајќи ја стриминг-компанијата за сериозен пропуст што, според него, ја загрозил иднината на неговиот филм „Fortitude“. Станува збор за воена шпионска драма сместена во Втората светска војна, во која главната улога ја толкува Николас Кејџ.

Според судските документи, продукцијата во јуни доставила мастер-копија од филмот до канцелариите на Нетфликс во Холивуд за интерна проекција и можни преговори за дистрибуција. Само девет дена подоцна, од компанијата биле известени дека од канцеларијата биле украдени повеќе хард-дискови, меѓу кои и оној што го содржел филмот.






Афрам тврди дека со тоа практично е уништена комерцијалната вредност на проектот. Неговата правна екипа наведува дека потенцијалните дистрибутери би можеле да избегнат купување филм за кој постои ризик да се појави на пиратски платформи пред официјалната премиера. Според тужбата, во проектот биле вложени повеќе од 45 милиони долари, а неговата реализација траела седум години.

Нетфликс ги отфрла обвинувањата и тврди дека не е одговорен за штетата. Од компанијата посочуваат дека филмот бил доставен без вообичаените безбедносни механизми што се користат во филмската индустрија за заштита на чувствителни материјали. Исто така наведуваат дека активно соработуваат во истрагата и ги следат пиратските канали за да проверат дали содржината се појавила на интернет.

„Fortitude“ го режира британскиот режисер Сајмон Вест, познат по филмовите „Con Air“ и „Lara Croft: Tomb Raider“. Освен Николас Кејџ, во актерската екипа се и Бен Кингсли, Мајкл Шин, Метју Гуд и Рон Перлман, што дополнително го зголемува интересот за проектот.

Случајот веќе предизвика големо внимание во Холивуд бидејќи отвора прашања за безбедноста на филмските материјали во дигиталната ера. Додека судската постапка допрва започнува, иднината на „Fortitude“ останува неизвесна, а јавноста со интерес ќе следи дали филмот ќе стигне до публиката или ќе остане запаметен како еден од најнеобичните правни спорови во филмската индустрија.

Поврзани содржини