ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА СПОЈУВА ЉУБОВНИ ПАРТНЕРИ Со помош на апликацијата на владата на Токио се венчале 265 парови за 2 години
Вкупно 265 двојки стапиле во брак откако се запознале преку апликацијата за запознавање базирана на вештачка интелигенција, која владата на Токио ја лансираше во 2024 година како дел од напорите за справување со ниската стапка на наталитет во Јапонија.
Апликацијата TOKYO Enmusubi беше пуштена во употреба во септември 2024 година, откако истражување покажало дека околу 70 отсто од луѓето кои сакаат да стапат во брак не преземаат активни чекори за пронаоѓање партнер.
За да се надмине оваа незаинтересираност и да се обезбеди дека ќе се пријавуваат само лица кои навистина сакаат брак, кандидатите морале да докажат дека законски не се во брак и да поминат онлајн интервју, покрај исполнувањето и на други услови.
Според податоците што ги објави градската власт во Токио овој месец, заклучно со 30 јуни годинава, апликацијата имала 16.000 регистрирани корисници. Тие биле избрани од околу 36.000 пријавени кандидати.
Во исто време, 760 двојки биле во „сериозна врска“, а 265 веќе стапиле во брак.
Градските власти ја пренесуваат приказната на корисничка со псевдоним „Желка“, која рекла дека ја инсталирала апликацијата како „последна шанса“ пред да наполни 40 години.
– По неколку состаноци на слепо, на крајот на август го запознав мојот сегашен сопруг, а во средината на септември започнавме сериозна врска. На крајот на декември ја прифатив неговата понуда за брак- раскажала таа.
Во меѓувреме, Јапонија продолжува да се соочува со демографски предизвици. Според владините податоци објавени во јуни, во 2025 година се родиле само 671.236 бебиња од јапонски родители, што е најнизок број досега и десетта последователна година на пад на наталитетот.