🎥 ЅВЕЗДА НА ТИК-ТОК ПОЧИНА НА 50 ГОДИНИ ПО БОРБА СО АЛЦХАЈМЕР „Доста страдав, заминувам под свои услови“
Канаѓанката Ребека Луна, која јавно ја споделуваше својата борба со рано дијагностициран Алцхајмер, одлучи да го заврши животот со медицински асистирана смрт. Нејзината приказна допре стотици илјади луѓе ширум светот.
Ребека Луна, инфлуенсерка на Тик-Ток, која отворено ја документираше својата борба со Алцхајмеровата болест, почина на 50-годишна возраст.
Нејзината смрт не беше ненадејна, туку свесно донесена и однапред испланирана одлука. Опкружена со најблиските, Луна го заврши својот живот со медицинска помош при умирање (MAID), по тешка битка со Алцхајмеровата болест.
Веста беше објавена на нејзиниот профил на Тик-Ток, каде што беше наведено дека Ребека починала околу 13:15 часот, опкружена со своите сакани, заедно со благодарност за поддршката и молба за почитување на приватноста на семејството.
Нејзината најстара ќерка Маја ја сподели истата порака на платформата GoFundMe, каде што беше покрената кампања за покривање на трошоците за погребот и за финансиска помош на семејството.
Борбата на Ребека започнала во април 2025 година, кога на 49-годишна возраст ѝ бил дијагностициран рано појавен Алцхајмер – ретка и особено агресивна форма на деменција.
Таа ја сподели својата дијагноза преку Тик-Ток.
– Многу е чудно и ранливо да се изложиш на ваков начин – призна тогаш, објаснувајќи дека забележала колку малку информации и поддршка постојат за помладите луѓе кои се соочуваат со оваа страшна болест.
Како самохрана мајка од Викторија, во канадската покраина Британска Колумбија, често се чувствувала осамено, но нејзината искреност привлече огромна заедница која ја поддржуваше до самиот крај.
Во текот на следната година, нејзиниот профил прерасна во моќна платформа за подигање на свеста за Алцхајмеровата болест и за правото на достоинствена смрт.
Луна без задршка ги споделуваше најинтимните моменти од својот живот – од лекарските прегледи и справувањето со напредувањето на болеста до одлуката да побара медицински асистирана смрт. Таа стана гласен поддржувач на правото на избор на крајот од животот, одговарајќи на прашањата на следбениците и споделувајќи корисни информации со луѓе кои се наоѓале во слична ситуација.
Во јуни, по предлог на своите следбеници, започна и кампања за собирање средства.
– Целиот живот сум горда самохрана мајка, па моите прекрасни следбеници предложија да собереме средства за трошоците за погребот, за таа обврска да не им остане на моите најблиски во време на нивната тага – напиша тогаш, додавајќи дека нејзината здравствена состојба се влошува побрзо отколку што очекува.
Само неколку дена пред смртта, на 22 јули, го објави своето последно видео.
@wheredidbecsgo
Во него ги извести следбениците дека датумот на нејзината медицински асистирана смрт го поместила од почетокот на август на 25 јули.
– Тоа е тешка одлука, затоа што живеам во тело во кое повеќе не се чувствувам удобно, сигурно или добро. Чувството е ужасно. Затоа ми изгледаше премногу да чекам уште две недели – вели таа искрено.
Како што нагласи, тоа бил моментот кога конечно се става себеси на прво место.
– Ова е моментот кога јас можам да бидам приоритет, а тоа не сум го правела во текот на целиот свој живот.
Во својата последна емотивна порака, Луна зборува за живот исполнет со страдања, но и за лекциите што ги извлекла од нив.
Признава дека „доволно страдала на овој свет“, но додава дека токму тие тешки искуства ѝ помогнале навистина да се запознае себеси и да сфати дека има „неверојатно добро срце“.
Приказната ја заокружи со силна порака за важноста на љубовта кон себеси, објаснувајќи дека научила да се грижи за петгодишното девојче во себе за кое никој никогаш не се заземал.
– Се надевам дека, кога ќе го напуштам овој свет, тоа ќе биде единственото нешто што ќе можам да го пренесам на другите – дека мора да се однесувате кон себе на начин што ќе ве доведе до тоа да се сакате себеси. Ако јас можев, можете и вие – порача таа.
@wheredidbecsgo She’s losin it #decline #medical #alzheimer #dementia #maid
Нејзината приказна го привлекла вниманието и на британската пејачка Лили Ален, на која Луна долго време ѝ се восхитувала. Во едно од своите видеа откри дека средбата со пејачката е една од нејзините последни животни желби.
Желбата ѝ се исполни на еден од концертите на Лили Ален.
– Ѝ кажав дека ми беше на листата на желби да ја запознаам – раскажа Луна по средбата, опишувајќи го тоа искуство како „најубавото досега“.
Зад себе остави не само деца и семејство, туку и илјадници следбеници кои во неа пронајдоа инспирација и храброст да зборуваат за теми што честопати се табу.