КОЛКУ ПОРАНО ДОЗНАЕТЕ, ТОЛКУ ПОВЕЌЕ МОЖЕТЕ ДА НАПРАВИТЕ Науката забрзано бара начини за порано откривање на Алцхајмерот

На Светскиот ден на Алцхајмеровата болест вниманието е насочено кон раното откривање, новите терапии и потребата лицата со деменција и нивните семејства да не бидат препуштени сами на себе. Во Скопје, на 23.09 (среда) во Народната канцеларија на Претседателот ќе се одржи Мемори кафе, настан за подигнување на свеста за деменцијата и особено за Алцхајмеровата болест

0

Додека денеска, 21 септември, светот го одбележува Светскиот ден на Алцхајмеровата болест, стигна и новиот Светски извештај за Алцхајмеровата болест за 2026 година. Според извештајот на „Alzheimer’s Disease International“, во моментов се развиваат 158 потенцијални терапии за деменција, што покажува колку брзо се менува истражувањето на болеста по години во кои можностите за лекување беа ограничени.

Еден од најзначајните правци е раното откривање. Научниците работат на крвни тестови кои можат да откријат биомаркери поврзани со Алцхајмеровата болест, со надеж дека во иднина дел од испитувањата ќе бидат полесно достапни и ќе овозможат болеста да се препознае порано. Тоа е особено важно затоа што новите терапии се насочени кон забавување на болеста и имаат најголема смисла во раните фази.






Токму затоа и овогодишната порака става силен акцент на раното препознавање и дијагностицирање на деменцијата. Светската кампања ја носи пораката „Колку порано дознаете, толку повеќе можете да направите“, со што вниманието се насочува кон моментот кога промените во меморијата и размислувањето сè уште можат да се испитаат, а семејството да добие навремена поддршка и информации.

Особено брзо се развиваат и тестовите од крв. Наместо дијагностицирањето да се потпира исклучиво на сложени испитувања, научниците работат на биомаркери што би можеле порано и полесно да покажат дали кај пациентот постојат промени поврзани со Алцхајмеровата болест. Професорот Хенрик Цетерберг од Универзитетот во Гетеборг смета дека ваквите тестови во следните години би можеле да станат дел од проценката на проблемите со меморијата и во примарната здравствена заштита.

Научниците не го бараат одговорот само во амилоидните плаки и тау-протеините. Ново истражување објавено во списанието „Сајенс“ покажа дека кај различни типови мозочни клетки погодени од Алцхајмер се забележуваат промени во тродимензионалната организација на геномот, што влијае врз начинот на кој се активираат одредени гени. Истражувачите сметаат дека ова може да отвори нови правци за проучување на механизмите на болеста и идните терапии.

Но додека светот зборува за крвни биомаркери, клинички испитувања и нови лекови, кај нас голем дел од товарот и понатаму паѓа врз семејствата. Недостигот од дневни центри и постдијагностичка поддршка одамна е едно од прашањата на кои укажуваат луѓето што работат со лица со деменција. Институтот за Алцхајмерова болест и Невронаука во Скопје и доктор Габи Новотни, во изминатите години организираше и „Мемори кафе“ – средби на кои лицата со деменција можат да се дружат, а нивните семејства да разменат искуства и да добијат поддршка.


Токму идејата дека лицата со деменција не треба да бидат изолирани е важна и за најавеното „Мемори кафе“ во среда (23.09) во Народната канцеларија на претседателот во Скопје, настан за подигнување на свеста за деменцијата и особено за Алцхајмеровата болест. Наместо болеста да остане тема за која се зборува само зад затворени врати, ваквите средби отвораат простор да се зборува и за луѓето што живеат со дијагнозата, но и за оние што секојдневно се грижат за нив.

Затоа, Светскиот ден на Алцхајмеровата болест годинава носи две паралелни пораки. Едната доаѓа од лабораториите – дека раното откривање и можностите за третман се менуваат. Другата доаѓа од семејствата – дека и најдобрата терапија не го решава проблемот ако човекот и неговите блиски останат сами со болеста.

Поврзани содржини