КЕВИН СПЕЈСИ ГО ПРОСЛАВИ РОДЕНДЕНOT ВО ДУБРОВНИК По скандалите и судските процеси, оскаровецот повторно во јавност

Оскаровецот Кевин Спејси го прославил 67. роденден во познат ресторан во Дубровник, во друштво на пријатели, меѓу кои и хрватскиот режисер Јаков Седлар.

71

Американскиот актер Кевин Спејси го прославил својот 67. роденден во Дубровник, на хрватското крајбрежје.

Роденденската прослава се одржала во неделата навечер во ресторанот „Прото“, еден од најпознатите ресторани во стариот дел на градот. На вечерата му се придружиле неколку пријатели, меѓу кои и хрватскиот режисер Јаков Седлар, со кого Спејси со години негува пријателски односи.






Актерот за прославата избрал ресторан познат по морските специјалитети и традиционалната далматинска кујна, а според локалните медиуми, уживал во опуштената атмосфера и гастрономската понуда.

Од ресторанот им се заблагодариле на Спејси, Седлар и нивното друштво за посетата и им посакале пријатен престој на хрватскиот брег.

Ова не е првпат холивудската ѕвезда да го слави својот роденден во Дубровник. Во градот престојувал и пред 17 години, кога таму го одбележал својот 50. роденден.

Кевин Спејси е роден на 26 јули 1959 година во американската сојузна држава Њу Џерси и важи за еден од најнаградуваните актери на својата генерација. Добитник е на два Оскари – за споредната улога во филмот „Вообичаени осомничени“ („The Usual Suspects“) и за главната улога во „Американска убавина“ („American Beauty“).

Публиката го памети и по улогите во филмовите „Седум“ („Se7en“), „Доверливо од Лос Анџелес“ („L.A. Confidential“) и „К-ПАКС“, како и по ликот на Френк Андервуд во популарната серија „Куќа од карти“ („House of Cards“).

Неговата кариера претрпе сериозен удар во 2017 година по обвинувањата за сексуално недолично однесување, по што беше отстранет од серијата „Куќа од карти“, а неговите веќе снимени сцени во „Сите пари на светот“ (All the Money in the World) беа повторно снимени со Кристофер Пламер.

Во следните години се соочи со повеќе судски постапки, а во 2023 година британскиот суд го ослободи од сите кривични обвиненија што беа покренати против него. И во САД дел од тужбите беа отфрлени или повлечени, додека во граѓанската постапка што ја покрена актерот Ентони Рап, поротата утврди дека Спејси не е одговорен.

Некои други граѓански спорови завршија со спогодби.

Поврзани содржини