БЛОКАДАТА НА ИЗБОРНИОТ ЗАКОНИК НЕ ЈА КОЧИ ДИНАМИКАТА НА ОСТАНАТИТЕ РЕФОРМИ Владата испратила документ до ЕУ за досега исполнетите обврски
Определбата на Владата да ја исполнува Реформската агенда останува, вели премиерот, исакнувајќи дека блокадата на измените на Изборниот законик од страна на опозицијата нема да ја забави динамиката со која се спроведуваат останатите реофрми.
Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека на 15 јули до Европската Унија е доставен документ со целосно исполнети и означени обврски, со што, како што вели, уште еднаш покажавме дека реформскиот процес го водиме одговорно, транспарентно и со јасна посветеност кон исполнување на европската агенда.
„Уверен сум дека во динамиката на реализацијата ќе бидеме далеку пред многу други и покрај обидите процесот да биде забавен преку блокирањето на Изборниот законик. Нашата определба останува непроменета, реформите ќе продолжат, затоа што тие се во интерес на државата, институциите и граѓаните“, напиша Мицкоски на својот фејсбук-профил.
Воедно, премиерот информира дека попладнево ќе присуствува на одбележувањето на роденденот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Битола.
„А вечерва ќе бидам дел од атмосферата на „Пиво-фест“ во Прилеп, каде што ќе имам можност да се сретнам и да разговарам со голем број граѓани. Продолжуваме посветено и забрзано за Македонија!“, вели во објавата премиерот Мицкоски.