ЗА ЈУЛСКАТА ПЛАТА ВАЖАТ НОВИ СТАПКИ НА ПРИДОНЕСИТЕ НА ПЛАТА Износот на бруто платата не се менува

Измените на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување траат шест месеци, односно заклучно со исплатата на декемвриската плата.

309

Со исплатата на јулската плата почнува примената на новите стапки на придонеси за задолжително социјално осигурување, донесени на почетокот на месецов. Овие промени ги засегаат работодавачите кои треба да  извршат прераспределба на уплатата на придонесите, но не влијае на износот на платите на работниците и на вкупниот процент на зафаќањата за плати.

Според измените на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување вкупниот износ на парите за придонеси се прераспределуваат. Така  стапката за задолжително пензиско и инвалидско осигурување се зголеми на 19,9% од 18,8%, а стапката на придонесот за осигурување во случај на невработеност се намалува на 0,1% од 1,2%. Стапките за здравствено осигурување остануваат непроменети и тоа 7,5% за задолжително здравствено осигурување и 0,5% за осигурување во случај на повреда на работа и професионално заболување.






Промената на висината на стапките, не го менува вкупното оптоварување на работодавачите, бидејќи вкупната стапка на придонесите за плата и натаму останува 28% од бруто-платата. Оваа промена не влијае ниту на нето-платата на работниците, бидејќи и тука нема промена.

Сепак од промените во износот на стапките на придонесите губи Агенцијата за вработување бидејќи се намалуваат парите кои ќе ги добие преку  осигурувањето на работниците во случај на невработеност. Промените на износот на придонесот ќе му користат на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), каде што ќе се слеат дополнителни пари.

Измените на  Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување траат шест месеци, односно заклучно со исплатата на декемвриската плата.

Целта на оваа привремена мерка на владата е да се подобри финансиската состојба на ПИОМ, кој се соочува со зголемени расходи поради серијата линеарни покачувања на пензиите, Оттаму при донесувањето на измените рекоа дека Агенцијата за вработување располага со доволно средства за редовно финансирање на надоместоците за невработените.

Новина има и за самовработените лица кои плаќаат персонален данок според паушално утврден нето-доход. Наместо тие самите да ги пресметуваат придонесите, тоа отсега ќе го прави Управата за јавни приходи, додека обврската за нивна уплата останува на самите самовработени лица.

Покрај основната стапка од 19,9 проценти за пензиско и инвалидско осигурување, законот предвидува и посебни стапки за лицата кои работат на работни места со стаж на осигурување со зголемено траење, во зависност од категоријата на работното место.

Поврзани содржини