ТРАМП ЌЕ ПРИСУСТВУВА НА ФИНАЛЕТО, НО ДАЛИ ЌЕ ГО ВРАЧИ ТРОФЕЈОТ? Можеме и заедно, вели шефот на ФИФА
Претседателот на САД ќе присуствува на финалето меѓу Аргентина и Шпанија на стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси. Според Џани Инфантино, двајцата би можеле заедно да му го предадат пехарот на победникот.
Американскиот претседател Доналд Трамп ќе присуствува на финалето на Светското првенство меѓу Аргентина и Шпанија, потврди портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.
Таа изјави дека претседателот со нетрпение го очекува натпреварот, кој ќе се игра в недела на стадионот „МетЛајф“ во Ист Ратерфорд, во американската сојузна држава Њу Џерси.
– Се радуваме на финалниот натпревар в недела и знам дека претседателот се радува на доаѓањето. Неговото присуство ќе го заокружи она што беше најгледаното, најбезбедното и најуспешното Светско првенство – рече Ливит.
Портпаролката рече дека не знае дали Трамп има фаворит во финалето.
– Сигурна сум дека ќе има забавен одговор за вас – им порача таа на новинарите.
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, претходно откри дека е во речиси секојдневен контакт со Трамп и изрази надеж дека двајцата заедно ќе му го врачат трофејот на новиот светски шампион.
– Тоа отсекогаш било така, претседателот на земјата домаќин го врачува трофејот заедно со претседателот на ФИФА. Се надевам дека ќе можеме да го направиме тоа заедно – изјави Инфантино.
Во големото финале ќе играат актуелниот светски шампион Аргентина и европскиот првак Шпанија.
Натпреварот е закажан за в недела со почеток во 21 часот по средноевропско време.