БИСТА НА ГАНДИ ЌЕ БИДЕ ПОСТАВЕНА ВО СКОПЈЕ Донација од Индија за родниот град на Мајка Тереза
Бистата на индискиот лидер и поборник за ненасилство ќе биде поставена како донација од Амбасадата на Индија, најави градоначалникот на Скопје по средба со делегација од амбасадата. Иницијативата симболично ги поврзува Махатма Ганди и Мајка Тереза, две личности чии животи оставија длабока трага во историјата на Индија.
Биста на Махатма Ганди, кој се смета за татко на нацијата во Индија, во догледно време ќе биде поставена во Скопје како донација од Амбасадата на Индија, соопшти денеска градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Тој информира дека остварил средба со делегација од Амбасадата на Република Индија, предводена од ополномоштениот амбасадор на Индија за Македонија, Арун Кумар Саху.
– Разговаравме за значењето на зачувувањето на оставнината на Мајка Тереза и Махатма Ганди, две исклучителни личности и универзални симболи на мирот, хуманоста, толеранцијата и човековото достоинство, објави 4news.mk Мајка Тереза, родена во Скопје во 1910 година и добитничка на Нобелова награда за мир, најголемиот дел од својот мисионерски живот го посвети на помагање на најранливите во Индија, додека Махатма Ганди, кој се смета за татко на нацијата, останува еден од најголемите поборници за мир и ненасилство во светската историја – изјави Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека амбасадорот Саху најавил донација на биста на Махатма Ганди за Градот Скопје, која ќе биде поставена на јавен простор како траен симбол на пријателството меѓу Македонија и Индија. Според Ѓорѓиевски, оваа иницијатива дополнително ќе ги зацврсти односите и ќе придонесе за промовирање на мирот, дијалогот и меѓусебното почитување.