МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНИН ПОЧИНА ВО ПРИТВОР ВО АЛБАНИЈА Осомничениот за дрога добил срцев удар во затворот во Валона
Македонски државјанин починал откако му се влошила здравствената состојба во притворскиот центар во Валона. Албанските власти соопштија дека бил пренесен во болница, но лекарите не успеале да го спасат.
Македонскиот државјанин Б.Л. (54), кој се наоѓал во притвор во албанскиот приморски град Валона, починал по срцев удар. Според првичните информации, тој почувствувал здравствени тегоби, по што итно бил пренесен во Регионалната болница во Валона.
И покрај обидите за реанимација, лекарите не успеале да му го спасат животот. Албанските власти соопштија дека се преземаат дејствија за целосно расчистување на околностите околу смртта.
Според албанските медиуми, здравствените проблеми се појавиле додека бил сместен во притворскиот центар во градот.
Б.Л. беше уапсен на 25 април во Валона во акција на албанската полиција против трговија со дрога. Според тогашното соопштение на полицијата, македонскиот државјанин изнајмил стан во населбата „10 Јули“, кој наводно го користел за чување и подготовка на кокаин и марихуана за понатамошна продажба.
„Уапсен е македонскиот државјанин Б.Л. (53) кој изнајмил стан во населбата „10 јули“ каде ја чувал и подготвувал дрогата, кокаин и марихуана, во помали пакувања“, објави тогаш полицијата.
При претресот биле пронајдени кокаин, марихуана, електронска вага и повеќе мобилни телефони.
Покрај македонскиот државјанин, во полициската акција биле уапсени и двајца албански државјани. Станува збор за А.И. (31) од Валона и К.А. (27) од Берат. Тие се осомничени за кривичното дело производство и продажба на наркотични дроги.
Албанските институции засега не соопштуваат дополнителни детали за смртта на Б.Л., а истрагата е во тек.