МЕГАН МАРКЛ ВЛЕГУВА КАКО СУДИЈА ВО „МАСТЕРШЕФ АВСТРАЛИЈА“ Ангажманот на војвотката во кулинарското шоу предизвика поделени реакции
Војвотката од Сасекс ќе оценува натпреварувачи во австралиското издание на популарното кулинарско шоу, а нејзиното гостување веќе отвори бројни дебати.
Меган Маркл наскоро ќе се појави како гостинка-судијка во австралиското издание на популарното кулинарско шоу „МастерШеф Австралија“, а епизодата во која учествува ќе биде емитувана на 26 јули.
Поранешната актерка, која со бракот со принцот Хари ја доби титулата војвотка од Сасекс, ќе им постави посебен предизвик на натпреварувачите. Тие ќе треба да подготват јадење достојно за една војвотка, користејќи сезонски намирници и истовремено преку храната да раскажат лична приказна.
Епизодата била снимена за време на посетата на Меган и принцот Хари на Австралија во април, а таа призна дека без двоумење ја прифатила поканата.
– Ме привлекоа две работи – љубовта кон храната и љубовта кон Австралија. Одлуката беше многу лесна – изјавила Меган во најавата за емисијата.
View this post on Instagram
Натпреварувачите ќе готват со состојки како макадамија, прокељ, корен од целер, лимон, јаболка, дуњи, мандарини и австралиски мед, а Меган ќе ги охрабрува во своите јадења да внесат семејни спомени и емоции.
Иако денес е најпозната како членка на британското кралско семејство и по своите медиумски проекти, Меган и претходно покажуваше интерес за гастрономијата. Пред бракот со Хари го водеше блогот каде што често пишуваше за храна, патувања и животен стил, а годинава ја лансираше и својата емисија „Со љубов, Меган“, посветена на готвењето, дружењето и домашните рецепти.
Сепак, нејзиното гостување во „МастерШеф“ не помина без контроверзи. Австралиските медиуми пишуваат дека зад сцената дошло до недоразбирање откако во промотивното видео била претставена како „кралска личност“.
Според пишувањата, Меган и нејзиниот тим претходно побарале продукцијата да не го користи терминот „ројал“, па ваквата најава наводно предизвикала непријатност.
Дополнително, дел од гледачите веќе го изразија своето незадоволство од нејзиниот ангажман, тврдејќи дека не е професионален готвач и нема доволно кулинарско искуство за да ги оценува натпреварувачите.
Од друга страна, нејзините поддржувачи сметаат дека долгогодишната страст кон готвењето, животниот стил и гастрономските проекти се сосема доволна причина да биде дел од една од најгледаните кулинарски емисии во Австралија.