ЗАПАДЕН БАЛКАН ДА ВЛЕЗЕ ВО ЕУ КАКО ЦЕЛИНА Вучиќ со смела идеја за проширувањето
Вучиќ смета дека регионот треба заеднички да влезе во Унијата за да не се создадат нови поделби.
Српскиот претседател Александар Вучиќ смета дека Европската Унија треба да се откаже од сегашниот модел на проширување, според кој земјите кандидати напредуваат поединечно, и наместо тоа да го прими целиот Западен Балкан како единствена целина.
Во интервју за „Фајненшл тајмс“, Вучиќ оцени дека таквиот пристап би спречил создавање нови поделби во регионот.
„Што сакате да изградите? Посилни граници меѓу сите? Ако сите одиме заедно, нема да има граници меѓу Приштина, Белград и сите други. На регионот му е потребно заедничко членство“, рече Вучиќ.
Според него, заедничкиот прием во Европската Унија би придонел за поголема стабилност на Западен Балкан.
„Ни треба регионот да биде обединет. За да не стане нова зона на конфликт меѓу луѓето што влегуваат во ЕУ и другите што се далеку од неа“, истакна српскиот претседател.
Изјавите на Вучиќ дојдоа во пресрет на денешните состаноци во рамки на процесот на проширување на Европската Унија, на кои Украина и Молдавија треба да отворат нов кластер од преговорите, додека Црна Гора и Албанија продолжуваат со затворање на преговарачки поглавја во пристапниот процес.