НЕКОГАШНИТЕ ПРВАЦИ СО ПОСЕБНО БАРАЊЕ ДО ФИФА Полицијата во Атланта се подготвува за можни инциденти

„Гаучосите“ од ФИФА побарале дозвола против Англија да настапат во резервната темносина гарнитура наместо во традиционалниот светлосино-бел дрес. Во Атланта, пак, полицијата се подготвува за засилени мерки поради ривалството меѓу двете навивачки групи.

270

Фудбалската планета со нетрпение го очекува полуфиналниот дуел меѓу Англија и Аргентина, кој в среда ќе се игра во Атланта. Според аргентинскиот новинар Гастон Едул, актуелните светски шампиони побарале од ФИФА специјална дозвола да настапат во темносини дресови, наместо во препознатливата светлосино-бела комбинација.

Иако традиционалниот дрес не претставува проблем за разликување на теренот, во Аргентина многумина веруваат дека зад барањето стои и доза на суеверие.






Токму во темносините дресови Аргентина ги оствари двете најпознати победи над Англија на мундијалите, четвртфиналето во Мексико во 1986 година и елиминацијата на пенали во Франција во 1998 година.

На актуелното Светско првенство, Аргентина ја носеше оваа гарнитура само еднаш, при победата од 3:1 над Јордан.

Атланта под засилен надзор

Полицијата во Атланта веќе се подготвува за сложена безбедносна операција пред натпреварот. На социјалните мрежи се појавија снимки од помали судири меѓу аргентински и англиски навивачи, а американските власти очекуваат дополнителен прилив на аргентински фанови од Флорида и од други делови на САД.

Ривалството меѓу двете земји одамна ги надминува спортските рамки. Аргентинските навивачи и натаму во песните се повикуваат на Малвините, односно Фолкландските Острови, спор околу кој во 1982 година беше водена војна меѓу Аргентина и Велика Британија.

Сенката на Марадона уште е жива

Посебно место во ова ривалство има четвртфиналето од Светското првенство во 1986 година. Тогаш Диего Марадона го постигна еден од најконтроверзните голови во историјата на фудбалот, подоцна објаснет како дело на „Божјата рака“, а само неколку минути подоцна го постигна и легендарниот „Гол на векот“.

Аргентина тогаш славеше со 2:1, а речиси четири децении подоцна, новата пресметка со Англија повторно носи силни емоции и огромен влог.

Поврзани содржини