МИНИСТЕРСКИТЕ РОКАДИ ВО СОБРАНИЕ Премиерот Мицкоски ќе ја образложи реконструкцијата на Владата

Игор Филков ќе биде заменет од Јетон Шасивари во Министерството за правда, Иван Стоилковиќ од Министерството за односи меѓу заедниците ќе премине во Министерството за локална самоуправа на местото на Златко Перински, додека Агон Ферати ќе го преземе ресорот за односи меѓу заедниците. Златко Перински се очекува да стане директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски ќе го наследи Азир Алиу во Министерството за здравство, Борче Серафимовски ќе го замени Цветан Трипуновски во земјоделство, Ѓоко Велковски ќе дојде на местото на Фатмир Лимани, Седат Сулејмани ќе го наследи Зоран Љутков, а Ерџан Демир ќе биде нов министер без ресор наместо Шабан Салиу.

241

Собранието денеска од 11 часот треба да ја започне 112 седница, на која се очекува да бидат разрешени повеќе министри и да бидат избрани нивните наследници, со што ќе започне најавената реконструкција на Владата.

Пратениците најпрво ќе расправаат за разрешувањето на актуелните министри, а потоа ќе гласаат за предложените нови членови на Владата.






Според предлогот, Игор Филков ќе биде разрешен од функцијата министер за правда, а на негово место е предложен Јетон Шасивари. Иван Стоилковиќ ќе биде разрешен од Министерството за односи меѓу заедниците и треба да ја преземе функцијата министер за локална самоуправа.

Актуелниот министер за локална самоуправа, Златко Перински, ќе ја напушти Владата и се очекува да биде именуван за директор на Фондот за здравствено осигурување. На неговото место во Министерството за здравство е предложен актуелниот директор на Фондот, Сашо Клековски, кој треба да го наследи Азир Алиу.

За министер за односи меѓу заедниците е предложен Агон Ферати, додека Борче Серафимовски треба да го замени Цветан Трипуновски во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Ѓоко Велковски е предложен за министер за социјална политика, демографија и млади, на местото на Фатмир Лимани, а Седат Сулејмани треба да го наследи Зоран Љутков во Министерството за култура и туризам.

Воедно, Ерџан Демир е предложен за министер без ресор, на местото на Шабан Салиу.

На седницата се очекува премиерот Христијан Мицкоски да ги образложи причините за реконструкцијата, која ја најавуваше подолг период.

Согласно Деловникот на Собранието, по секој предлог за разрешување член на Владата се отвора расправа која може да трае најмногу два дена. Министерот за кого е поднесен предлогот има право да се обрати во траење до 15 минути, а новите министри се избираат со мнозинство од вкупниот број пратеници.

По договорот за соработка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија на Турците, наскоро во Собранието треба да биде доставен предлог и за уште еден нов министер, со што владејачкото мнозинство ќе се зголеми за уште еден пратеник.

Премиерот претходно најави и дека во новата организација на Владата повеќе нема да постои функцијата вицепремиер и министер за добро владеење, а тие надлежности ќе ги преземе лице од неговиот Кабинет. Изборот на заменици-министри, според најавите, ќе се одржи во септември.

Реконструкцијата доаѓа на половина од мандатот на Владата. По седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Мицкоски порача дека со кадровските промени започнува нова фаза во работењето на извршната власт.

– Сега следува период во кој фокусот уште повеќе ќе биде ставен на ефикасноста, динамиката и испораката на резултати за граѓаните. Нова енергија за ново забрзување – изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека секој функционер ќе мора да биде достапен, одговорен и целосно посветен на својата работа.

– Граѓаните очекуваат темпо, дисциплина и резултати, а токму тоа ќе биде обврска на секој член на Владата – порача премиерот.

Поврзани содржини