ЕУ ГИ МЕНУВА ПРАВИЛАТА ЗА ЛЕТАЊЕ Се воведуваат нови измени за багажот, билетите и обештетувањата

Европската Унија по 13 години преговори усвои нова регулатива што носи поголема заштита на патниците, унифицирани правила за бесплатниот багаж, поголема транспарентност на цените и задржување на обештетувањата до 600 евра.

108

По повеќе од 13 години преговори, Европската Унија постигна договор за значајни измени на правилата што ги регулираат правата на патниците во авионскиот сообраќај. Новата регулатива носи поголема заштита за патниците, поголема транспарентност на цените на билетите и јасни правила за бесплатниот рачен багаж.

Европскиот парламент ги усвои ревидираните правила, со кои се задржуваат постојните права на патниците на финансиски надомест во случај на големи доцнења или откажување на летови.






До 600 евра обештетување за доцнења и откажани летови

Според новите правила, патниците ќе имаат право на надомест доколку авионот доцни повеќе од три часа до крајната дестинација или ако летот биде откажан помалку од 14 дена пред полетувањето.

Висината на надоместокот останува непроменета:

– 250 евра за летови до 1.500 километри;

– 400 евра за летови во рамките на ЕУ подолги од 1.500 километри и за други летови меѓу 1.500 и 3.500 километри;

– 600 евра за сите останати летови.

Авиокомпаниите ќе бидат обврзани најдоцна 96 часа по пристигнувањето електронски да ги информираат патниците за нивните права и за можноста да поднесат барање за надомест.

Патниците ќе имаат рок од девет месеци за поднесување барање, а авиокомпаниите ќе мора во рок од 30 дена да исплатат надомест или детално да образложат зошто барањето е одбиено.

Крај за практиката „no-show“

Една од најзначајните новини е забраната на практиката „no-show“, според која авиокомпаниите можеа да го поништат повратниот билет доколку патникот не го искористил првиот лет од резервацијата.

Истовремено, превозниците ќе мора уште при резервацијата јасно да прикажат што е вклучено во цената на билетот, со што патниците полесно ќе ги споредуваат понудите.

Првпат се утврдуваат точни димензии за бесплатниот багаж

Новите правила за првпат ги унифицираат димензиите на бесплатниот личен предмет што патникот може да го внесе во кабината.

Максималните дозволени димензии ќе бидат 40 × 30 × 15 сантиметри, што се однесува на мала торба, ранец или торба за лаптоп.

И понатаму ќе можат да постојат поевтини тарифи за патници кои патуваат без рачен багаж, но условите ќе мора однапред да бидат јасно прикажани.

Поголема заштита за семејствата и лицата со намалена подвижност

Регулативата носи и дополнителни права за децата, трудниците, лицата со инвалидитет и лицата со намалена подвижност.

Трудниците, децата до 14 години и семејствата кои патуваат со лица со намалена подвижност ќе имаат право да седат заедно без дополнителни трошоци.

„Рајанер“ реагира против новите правила

Нискобуџетните авиокомпании, меѓу кои и „Рајанер“, веќе ја критикуваа новата регулатива, оценувајќи дека дополнителните обврски може да ги зголемат трошоците и да ја отежнат понудата на најевтините авионски билети.

Од друга страна, експертите сметаат дека новите правила ќе ја намалат конфузијата околу багажот, дополнителните трошоци и правата на патниците, особено кај оние кои патуваат со различни авиокомпании.

Според нив, унифицирањето на правилата ќе донесе поголема сигурност, транспарентност и полесно остварување на правата на патниците низ Европската Унија.

Поврзани содржини