ГАУЧОСИТЕ ПРОТИВ НЕПОКОРНИТЕ ШВАЈЦАРЦИ Швајцарија излегува против Меси и моќната Аргентина

Светскиот првак Аргентина вечерва од 3 часот по полноќ игра против Швајцарија за место во полуфиналето на Светското првенство. Лионел Меси и соиграчите се фаворити, но Швајцарците најавуваат голема борба.

102

Светскиот првак Аргентина вечерва ќе го продолжи походот кон одбрана на шампионската титула, но на патот до полуфиналето ќе има тежок противник. Во Канзас Сити од 3 часот по полноќ ќе се игра четвртфиналната пресметка меѓу „гаучосите“ и Швајцарија, репрезентација која по 72 години повторно стигна до оваа фаза од Светското првенство.

Аргентина во досегашниот тек од турнирот покажа зошто е еден од главните фаворити за трофејот. Светскиот шампион без поголеми проблеми ја мина групната фаза со победи над Алжир, Австрија и Јордан, а во нокаут-фазата двапати славеше со резултат 3:2.






Особено важна беше последната победа против Египет, каде Аргентинците покажаа шампионски карактер и ментална сила, откако успеаја да направат пресврт од 0:2 и да стигнат до триумф. Токму ваквите натпревари покажуваат дека актуелниот светски првак има квалитет и кога работите не одат според планот.

Од другата страна ќе биде Швајцарија – селекција која на овој Мундијал покажа дека знае да игра дисциплинирано, тактички зрело и на резултат. По ремито со Катар на стартот, Швајцарците ги совладаа БиХ и Канада во групната фаза, а потоа ги елиминираа Алжир и Колумбија, последната по пенали.

Селекторот на Аргентина, Лионел Скалони, предупреди дека неговата екипа нема да има лесна задача против Швајцарците.

– За мене, тие се многу добар тим. Нема лесни ривали, сите го знаеме тоа. Тие се натпреваруваат со најдобрите и секогаш имаат решение. Можеби ќе победат или ќе изгубат, но секогаш се натпреваруваат. Имаат традиција на Светското првенство, искусни играчи и се физички силни. Ќе биде тежок противник – изјави Скалони.

Тој се осврна и на формата и движењето на најголемата ѕвезда на Аргентина, Лионел Меси.

– Што се однесува до Меси, речиси секогаш трча повеќе или помалку исто на секој натпревар. Не е како да трча повеќе или помалку, туку приближно исто. Мислам дека тимот многу му помага – додаде селекторот.

Швајцарија во четвртфиналето влегува со голема самодоверба. Репрезентацијата го игра еден од најдобрите турнири во последните години, а капитенот Гранит Џака верува дека неговиот тим може да приреди изненадување против светскиот шампион.

– Не знам дали можеме да го запреме Меси во текот на 90 минути. Ќе биде тешко, но ќе дадеме сè од себе. Мора да бидеме многу паметни. Ќе треба да бидеме компактни, да ги намалиме празнините и да не му даваме премногу простор. Навистина треба да ги поместиме своите граници ако сакаме да ја победиме Аргентина. Убеден сум дека мојот тим е подготвен – порача Џака.

Капитенот на Швајцарија побара и голема поддршка од навивачите, порачајќи им да продолжат да сонуваат бидејќи соништата можат да станат реалност.

Селекторот Мурат Јакин, сепак, ќе има проблем бидејќи најдобриот швајцарски фудбалер на турнирот, Јохан Манзамби, нема да биде во комбинација поради повреда на коленото. Манзамби досега постигна три голови и запиша две асистенции.

Победникот од овој дуел ќе се пласира во второто полуфинале, кое ќе се игра на 15 јули во Атланта, каде ќе го очекува подобриот од пресметката меѓу Англија и Норвешкa.

Поврзани содржини