📽️ НОВА КРАЛИЦА НА ВИМБЛДОН Носкова ја освои првата Гренд слем титула по неверојатна драма

21-годишната Линда Носкова ја освои својата прва Гренд слем титула, победувајќи ја сонародничката Каролина Мухова со 2:1 во сетови по драматично финале исполнето со пресврти и емоции.

0

Линда Носкова е новата шампионка на Вимблдон, откако во историско чешко финале ја совлада својата сонародничка Каролина Мухова со 2:1 во сетови (6:2, 5:7, 6:3). Дуелот траеше два часа и 30 минути, а за 21-годишната тенисерка ова е прва Гренд слем титула во кариерата.

Носкова одлично го отвори финалето и со два брејка, во четвртиот и осмиот гем, убедливо го освои првиот сет со 6:2, искористувајќи ја петтата сет-топка.






Вториот сет донесе вистинска драма. Носкова поведе со 5:2 и беше на чекор до титулата, но Мухова успеа да спаси дури пет меч-топки и со серија од пет последователно освоени гема направи голем пресврт за 7:5. Само во осмиот и деветтиот гем беа одиграни 36 поени, а чешките тенисерки приредија спектакл на Централниот терен.

И покрај пропуштената огромна шанса, Носкова не дозволи пад во играта. Во решавачкиот трет сет веднаш направи брејк, поведе со 2:0 и сигурно ја задржа предноста до крајот за конечни 6:3 и најголемиот успех во својата кариера.

Интересно е што меѓу првата и шестата меч-топка на Носкова поминаа дури еден час и 20 минути, што само ја потврдува неизвесноста на финалето.

Емотивни пораки по финалето

Носкова не можеше да ги сокрие солзите по освојувањето на титулата и во победничкиот говор ѝ се обрати на својата сонародничка и пријателка.

– Ова ми изгледа како прва победа… Неверојатно. Сè беше многу тешко, и физички и психички. Никогаш не е лесно да се игра против пријателка. Каролина, успеа да ме расплачеш… Ова никогаш нема да ти го заборавам – изјави Носкова.

Таа додаде дека е среќна што токму со Мухова го споделила своето прво Гренд слем финале.

– Мило ми е што играв токму против тебе и што до првата титула стигнавме заедно. Не против тебе, туку со тебе – рече новата шампионка.

Потоа им се обрати на љубителите на тенисот во Чешка.

– Верувам дека сите Чеси уживаа во овој натпревар, без разлика за кого навиваа. И да го освоеше трофејот ти, тоа ќе беше сосема заслужено – додаде таа.

Носкова ѝ честиташе на Мухова и на нејзиниот стручен штаб, нагласувајќи дека зад нив е одлична сезона.

На крајот им се заблагодари на својот тим и на тренерот со кого соработува веќе шест години.

– Имав најдобра можна атмосфера овде. Не беше секогаш лесно да се работи со мене, но без мојот тренер немаше да бидам тука – рече новата шампионка.

Најемотивниот момент дојде на самиот крај од говорот.

– Морам да ѝ се заблагодарам на мајка ми. Немаше да стојам овде ако не беше таа – рече Носкова, по што испрати бакнеж кон небото.

Од другата страна на мрежата, Каролина Мухова не можеше да ги задржи емоциите, но со насмевка ја поздрави победничката.

– Тешко е да се најдат вистинските зборови, но… ѝ честитам на Линда, мојата поранешна пријателка – се пошегува Мухова, предизвикувајќи смеа кај присутните.

Потоа сериозно продолжи:

– Се шегувам, секако. Многу си млада и ова е твое прво Гренд слем финале. Начинот на кој одигра беше неверојатен. Мислам дека си прекрасна личност и го заслужуваш овој трофеј. Ви благодарам на сите што беа дел од овој турнир и на публиката која ми даваше поддршка во изминатите две недели – рече Мухова.

Со оваа победа, Линда Носкова ја освои својата прва титула на Вимблдон и прв Гренд слем трофеј во кариерата, додека Мухова остана без својот прв трофеј на најпрестижниот тениски турнир.

Поврзани содржини