📽️ ДОДЕКА СИТЕ СЛАВАТ, ПОЧИНАТИОТ АДАМС САМ СЕДИ НА КЛУПАТА Тажна снимка од Мундијалот го обиколува светот

По смртта на 25-годишниот репрезентативец на Јужна Африка, на социјалните мрежи повторно се споделува видео од Светското првенство на кое тој седи сам на клупата додека неговите соиграчи ја слават победата.

0

Фудбалскиот свет е потресен од веста за смртта на 25-годишниот репрезентативец на Јужна Африка, Џејден Адамс. Во меѓувреме, на социјалните мрежи масовно се споделува видео од Светското првенство, кое многумина го поврзуваат со информациите дека фудбалерот се борел со депресија.

Според неофицијални информации, Адамс си го одзел животот по кратка борба со депресијата. Официјална потврда за причината за смртта засега нема.






Според медиумските извештаи, само два дена пред натпреварот против Чешка на Светското првенство починала неговата баба. И покрај семејната трагедија, Адамс одлучил да остане со националниот тим и да ѝ биде на располагање на репрезентацијата.

Тој беше стартер на првиот натпревар на Јужна Африка, додека на следните два меча од групната фаза доби шанса како резервист.

 

По неговата смрт, повторно стана актуелна снимка од прославата по победата над Јужна Кореја. Додека неговите соиграчи еуфорично го слават триумфот, Адамс, со дресот со број 23, седи сам на клупата, далеку од славјето.

Видеото предизвика бројни реакции на социјалните мрежи, а многумина коментираат дека никој не може да знае низ што поминува една личност, дури и кога е опкружена со луѓе.

Иако снимката сама по себе не може да потврди ништо за неговата психичка состојба, таа повторно ја отвори дискусијата за важноста на менталното здравје кај професионалните спортисти.

Поврзани содржини