РЕБАЛАНСОТ Е РАЗВОЕН, 45,9 МИЛИЈАРДИ ДЕНАРИ ЗА ПРОЕКТИ Повеќе средства за патишта, железници, училишта и градинки

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Биљана Кузманоска, изјави дека со ребалансот на Буџетот капиталните инвестиции се зголемуваат за 5,8 милијарди денари и ќе достигнат вкупно 45,9 милијарди денари.

32

Со ребалансот на Буџетот се обезбедуваат повеќе средства за капитални инвестиции, кои ќе бидат насочени кон изградба на патишта, железници, училишта, водоводи и други инфраструктурни проекти низ државата, изјави денеска на прес-конференција пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Биљана Кузманоска.

Според неа, капиталните инвестиции со ребалансот се зголемуваат за 5,8 милијарди денари и ќе достигнат вкупно 45,9 милијарди денари, што претставува раст од 14,5 проценти.






– За секој буџет, па и за овој, најважното прашање е каде одат парите. Со ребалансот одговорот е јасен – тие се насочуваат во патишта, железници, водоводи, училишта и многу други проекти што ќе претставуваат додадена вредност за Македонија – изјави Кузманоска.

Таа нагласи дека продолжува реализацијата на повеќе капитални инфраструктурни проекти, меѓу кои изградбата на Коридорот 8 и Коридорот 10-д, автопатските делници Кичево – Букојчани, Кичево – Охрид, Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Прилеп – Битола, како и автопатот Скопје – Блаце.

– Продолжува и изградбата на источниот дел од железничкиот Коридор 8, на делницата Бељаковце – Крива Паланка, а започнува и реализацијата на заедничкиот железнички граничен премин Табановце со Србија – рече пратеничката.

Кузманоска додаде дека со ребалансот се обезбедени средства и за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, детски градинки, спортски и училишни сали, студентски и ученички домови, како и за хидросистеми, откупно-дистрибутивни центри и нови капацитети во затворот „Идризово“.

– Ова се средства што ќе значат рамномерен регионален развој, поддршка за инфраструктурни проекти во општините и подобар животен стандард за граѓаните. Зборуваме за развоен и домаќински буџет, со капитални инвестиции што достигнуваат 4,1 проценти од бруто-домашниот производ. Овие бројки не се само чекор напред, туку силен поттик за развојот на современа Македонија – истакна Кузманоска.

Поврзани содржини