59 ПРАТЕНИЦИ ЗАД ВЛАДЕЈАЧКОТО МНОЗИНСТВО Коалицијата „Твоја Македонија“ станува побројна во Собранието

Со потпишувањето на договорот за политичко партнерство со Демократската партија на Турците на Македонија, коалицијата „Твоја Македонија“ соопшти дека пратеничката група се зголемила на 59 пратеници.

311

Коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, соопшти дека парламентарното мнозинство е проширено и дека пратеничката група сега брои 59 пратеници, откако беше потпишан Договор за политичко партнерство, соработка и поддршка со Демократската партија на Турците на Македонија.

Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека договорот претставува доказ за, како што велат, зголемената доверба, демократскиот капацитет и коалицискиот потенцијал на партијата.






„Со овој договор испраќаме јасна порака дека кога станува збор за интересите на граѓаните и иднината на државата, постои простор за обединување околу заеднички вредности, принципи и цели“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, партнерството е изградено врз доверба, заемно почитување и искрена определба за работа во интерес на сите граѓани, при што се истакнува дека турската заедница е значаен дел од македонското општество и со децении придонесува за развојот на државата.

„Соработката со Демократската партија на Турците во Македонија е доказ дека вистинските политики не ги разделуваат, туку ги поврзуваат луѓето и дека кога постои искрена намера да се работи за граѓаните, различностите стануваат наша предност“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека договорот има за цел зацврстување на парламентарното мнозинство и обезбедување политичка стабилност, што, според нив, е предуслов за продолжување на реформите, реализацијата на проектите и исполнувањето на изборните ветувања.

„Колку е поголема довербата, толку е поголема и обврската кон граѓаните. Ќе продолжиме посветено да работиме на оправдување на дадената доверба и создавање услови за подобар живот“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани содржини