МНР РАЗГОВАРАЛО СО АЛБАНСКИОТ АМБАСАДОР ЗА ИНЦИДЕНТОТ НА ЌАФАСАН Побарало објаснување зошто на наши државјани не им е дозволен влез во Албанија
Генералниот директор на албанската државна полиција, Скендер Хита, на прес-конференција изјави дека граничната полиција „постапила во согласност со законот“.
На барање на македонското минстерство за надворешни работи вчера била остварена средба со претставник на амбасадата на Република Албанија во земјава, велат од МНР.
„Во духот на пријателските односи меѓу двете земји, соседи и НАТО-сојузници на средбата беше побарана официјална информација од албанските власти во врска со настанот што се случи на граничниот премин Ќафасан, при кој на државјани на нашата земја не им бил дозволен влез во Република Албанија“, информираа од МНР.
Од партијата ВЛЕН претходно побараа официјален одговор од Тирана откако на 8 јули пратениците Беким Ќоку и Аднан Азизи, како и заменик генералниот секретар на владата Хасим Муртезани биле задржани еден час на Ќафасан, а граничните власти на едно лице од придружбата не му дозволило влез во земјата.
Генералниот директор на албанската државна полиција, Скендер Хита, на прес-конференција изјави дека граничната полиција „постапила во согласност со законот“.
– Трите лица со дипломатски пасоши беа информирани дека може да го продолжат своето патување. Четвртото лице, кое беше во нивно друштво, имаше законски пречки на границата и не можеше да патува во Албанија – рече тој.
Хита рече дека другите тројца граѓани одлучиле да не го продолжат своето патување и сите се вратиле во Македонија.
Според првиот човек на државната полиција, случајот не е изолиран, туку е дел од секојдневната работа на структурите на граничната полиција за гарантирање на спроведувањето на законот.
– Во текот на 2025 година идентификувани се 625 слични случаи, а само во првата половина од оваа година регистрирани се 425 случаи – рече тој.
Хита нагласи дека државната и граничната полиција остануваат гаранти на спроведувањето на законот и дека нема простор за загриженост во врска со извршувањето на нивните должности на граничните премини.