ИДНИНАТА НА ЕКОНОМИЈАТА СЕ ИНВЕСТИЦИИТЕ ВО ИНОВАЦИИ И ВО ЧОВЕЧКИ КАПИТАЛ Мицкоски вети деловната клима која нема да го кочи развојот на компаниите
Премиерот вели дека одржливиот развој не се однесува само на екологија и усогласување со европските стандарди, туку на поширок модел на економија што создава сигурност, отпорност на кризи и стабилни институции.
Во последните години зборот „одржливост“ стана еден од најчесто употребуваните во светската економија. Но, зад тој збор не стои само нова регулатива, нов стандард или нов административен процес. Зад него стои суштинска промена во начинот на кој функционира светот, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на настанот „Претворање на одржливоста во конкурентност: Градење отпорни бизниси во неизвесен свет“.
Тој рече станува збор за суштинска промена во начинот на функционирање на економијата, каде што успешни не се само компаниите што произведуваат квалитетни производи, туку и оние што одговорно управуваат со ресурсите, инвестираат во човечкиот капитал и градат доверба кај инвеститорите, партнерите и потрошувачите.
Мицкоски нагласи дека одржливиот развој не се однесува само на екологија и усогласување со европските стандарди, туку на поширок модел на економија што создава сигурност, отпорност на кризи и стабилни институции.
– Зборуваме за модел на економски развој кој создава сигурност. За држава која е отпорна на кризи. За институции кои создаваат доверба. За стопанство кое е способно да се натпреварува на најразвиените пазари. За економија која создава можности за младите да останат овде, да основаат компании, да инвестираат и да ја градат својата иднина дома. Денес светот е значително поразличен од оној што го познававме пред само неколку години. Војните, енергетската криза, нарушените синџири на снабдување, инфлациските притисоци и новите геополитички поделби покажаа дека економската стабилност повеќе не може да се зема здраво за готово- рече Мицкоски.
Во такви услови, според него, одржливоста престанува да биде избор – таа станува предуслов за конкурентност.
– Компаниите што навремено ќе се прилагодат ќе имаат пристап до нови пазари, до нов капитал и до нови инвеститори. Оние што ќе инвестираат во енергетска ефикасност, дигитализација, иновации и знаење ќе бидат компаниите што ќе го водат економскиот развој во следната деценија – порача премиерот.
Затоа Владата, рече Мицкоски, ја гледа својата улога како активен партнер на стопанството.
– Наша обврска е да создадеме предвидлива деловна клима, ефикасни институции, модерна инфраструктура, квалитетно образование и регулаторна рамка што нема да ги кочи инвестициите, туку ќе ги поттикнува. И кога зборуваме за резултати, не зборуваме за бројки сами по себе. Зад секој економски показател стојат илјадници човечки приказни. Стои нечија нова работа. Стои новоотворена фабрика. Стои повисока плата. Стои семејство кое полесно ги покрива месечните трошоци. Стои млад човек кој одлучил својата иднина да ја гради овде – рече Мицкоски.
Затоа е важно, додаде, да се погледнат фактите.
– Ако погледнеме наназад, ќе видиме дека во периодот од 2017 до 2023 година просечниот економски раст изнесуваше околу 1,8%. Денес веќе зборуваме за сосема поинаква динамика. Во 2024 година економијата порасна за 3%, во 2025 година за 3,5%, а и во текот на оваа година ја задржуваме стабилната позитивна траекторија на раст. Тоа не е случајност. Тоа е резултат на враќањето на довербата, на стабилизирањето на јавните финансии, на активната поддршка за инвестициите и на заедничката работа со приватниот сектор – рече Мицкоски.
Тој додаде дека владата успеала да се справи со еден од најголемите економски предизвици со кои се соочи Европа – инфлацијата.
– Инфлацијата, која во 2022 година достигна 14,2 проценти и сериозно го наруши животниот стандард на граѓаните, денес е значително пониска. Во мај годинава таа изнесуваше 4,8%, и тоа во услови кога светот сè уште се соочува со неизвесност и последиците од глобалната енергетска и економска криза – рече Мицкоски.
Но, најважниот економски показател, оцени, не е само растот на БДП. Најважниот показател е дали луѓето живеат подобро.
Денешниот форум го организира канцеларијата на ОН во соработка со Стопанската комора и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај премиерот, обраќања ќе имаат и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, евроамбасадорот Михалис Рокас, претседателот на Стопанска комора Бранко Азески, како и Рита Колумбија, постојаната координаторка на ОН во земјава.