РЕГИОНОТ МОРА ДА ФУНКЦИОНИРА КАКО ЕДИНСТВЕН ЕНЕРГЕТСКИ СИСТЕМ Божиновска смета дека од тоа полза ќе имаат економиите

На собирот се разговараше за забрзаната интеграција на земјите од Западен Балкан во европскиот пазар на електрична енергија и природен гас, за енергетската безбедност и зајакнувањето на регионалната соработка.

30

Нашата долгорочна визија е јасна – целосно интегриран регионален енергетски систем кој ќе ги поврзе електроенергетските, гасните и идните водородни мрежи. Од диверзификација до декарбонизација, од интерконектори до заеднички пазари – регионот мора да функционира како еден интегриран енергетски систем, изјави министерката за енергетика и рударство Сања Божиновска на неформалниот министерски совет на Енергетската заедница во Пиштина.

На собирот се разговараше за забрзаната интеграција на земјите од Западен Балкан во европскиот пазар на електрична енергија и природен гас, за енергетската безбедност и зајакнувањето на регионалната соработка.






-Интеграцијата во европскиот енергетски пазар е можност да изградиме поконкурентна економија, да привлечеме нови инвестиции и да обезбедиме почиста и посигурна енергија за нашите граѓани. Остануваме целосно посветени на реформите и партнерствата што ќе ја придвижат Македонија и целиот регион кон одржлива енергетска иднина – рече Божиновска.

Таа нагласи дека Македонија веќе презема конкретни чекори за зајакнување на енергетската сигурност преку диверзификација на изворите на снабдување и реализација на клучни инфраструктурни проекти.

Во таа насока, таа информираше дека гасниот интерконектор со Грција треба да биде завршен до 2027 година, додека интерконекторот со Србија се движи кон фаза на реализација со очекувано завршување околу 2028 година.

Овие проекти ќе овозможат пристап до нови извори на природен гас, вклучително и течен природен гас (LNG) преку Грција, со што значително ќе се зголеми сигурноста, флексибилноста и отпорноста на енергетскиот систем.

Осврнувајќи се на интеграцијата во европскиот пазар на електрична енергија, Божиновска потсети дека Македонија во мај годинава го пушти во функција интрадневниот пазар на електрична енергија, што претставува значаен чекор кон целосно поврзување со европскиот енергетски пазар и подобра интеграција на обновливите извори.

Дополнително, на Министерскиот совет беше поздравен напредокот што Македонија го постигна во усогласувањето со европското енергетско законодавство, како дел од процесот за интеграција во единствениот европски пазар на електрична енергија.

На состанокот беше потенцирана потребата од забрзана диверзификација на изворите на снабдување со природен гас, зајакнување на регионалните интерконекции и координирани политики за поголема отпорност на енергетските системи.

Како една од клучните поуки од последните геополитички кризи, кои предизвикаа сериозни ценовни шокови и директно влијаеја врз буџетите на граѓаните, беше нагласена потребата Европа и регионот да го зголемат производството на енергија од сопствени извори и да ја намалат зависноста од надворешни снабдувачи. Во тој контекст, министрите оценија дека инвестициите во нова енергетска инфраструктура, домашните производствени капацитети и регионалната солидарност ќе бидат клучни за стабилно, сигурно и долгорочно одржливо снабдување со енергија.

Поврзани содржини