ЗА БОСАНЦИТЕ ЗАВРШИ СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО Со 2:0 репрезентацијата на САД ги испрати дома
Во осминафиналето Американците ги чека голем предизвик – селекцијата на Белгија, која претходно по вистинска драма и продолженија го елиминираше Сенегал.
Репрезентацијата на САД во борбен натпревар ја совлада Босна и Херцеговина со 2-0. Избраниците на Маурисио Почетино ја оправдаа фаворитската улога, но мораа да се помачат за да го скршат отпорот на мотивираниот тим предводен од Сергеј Барбарез.
Иако Американците повеќе од половина час играа со фудбалер помалку поради исклучувањето на Балогун, покажаа шампионска дисциплина и ја запечатија победата.
Натпреварот започна со иницијатива на САД во посед, но првата голема шанса ја имаа Босанците преку Ермедин Демировиќ, чиј удар го скроти голманот Мет Фриз. Откако на Американците им беше поништен еден гол поради офсајд, притисокот конечно вроди со плод во самиот финиш на првиот дел.
По мешаница во шеснаесетникот, Фоларин Балогун во 45. минута најдобро се снајде и го совлада Никола Васиљ. Напаѓачот на Монако веднаш потоа имаше шанса и за нов погодок, но гредата го спаси балканскиот тим.
Во второто полувреме Босанците ја презедоа иницијативата, но нивните напади беа јалови и без вистинска идеја. Конечниот резултат беше поставен во 82. минута. По невнимателен прекршок на Раџелиќ на работ од казнениот простор, Малик Тилман изведе спектакуларен слободен удар и со „проектил“ ги постави конечните 2-0.
Со тоа, репрезентацијата на САД заслужено обезбеди место меѓу 16-те најдобри на Светското првенство. Во осминафиналето ги чека голем предизвик – селекцијата на Белгија, која претходно по вистинска драма и продолженија го елиминираше Сенегал.