ТРОЈЦА ПОВРЕДЕНИ ВО НЕСРЕЌАТА ШТО ГО ЗАТВОРИ ПРИОДОТ ДО АЕРОДРОМОТ Полицијата објави нови детали

Полицијата објави детали за сообраќајната несреќа што го затвори главниот приод кон Меѓународниот аеродром Скопје. Тешко се повредени двајца српски државјани, а повредено е и двегодишно дете.

409

Полицијата ги објави деталите за тешката сообраќајна несреќа поради која вчераутро беше затворен главниот приод кон Меѓународниот аеродром Скопје и беше воведен изменет режим на сообраќај.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека на 29 јуни околу 05:30 часот, на автопатот „Пријателство“, на сервисната улица што води кон Меѓународниот аеродром Скопје, патничко возило „нисан“ со српски национални ознаки, управувано од Н.Ѓ. (33) од Србија, удрило во метална заштитна ограда, по што се превртело.






Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле возачот и неговата сопатничка А.Ѓ. (26) од Србија, додека нивното двегодишно дете се здобило со телесни повреди.

На тројцата повредени им била укажана лекарска помош во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде што биле констатирани повредите.

На местото на несреќата увид извршиле јавен обвинител и увидна екипа на СВР Скопје, а причините за незгодата се утврдуваат.

Поради несреќата беше затворен главниот приод кон аеродромот

Поради незгодата, вчера наутро беше затворен главниот приод кон Меѓународниот аеродром Скопје од правецот на Скопје, поради што сообраќајот беше пренасочен преку клучката Рафинерија кај Миладиновци.

Од ЈП „Македонија пат“ и ТАВ Македонија апелираа патниците да тргнат порано и да ја користат алтернативната маршрута, бидејќи изменетиот режим на сообраќај создаде дополнителни задржувања. Информацијата беше особено важна за патниците од Скопје, но и за големиот број граѓани од Косово кои секојдневно го користат скопскиот аеродром.

Поврзани содржини