ЦЕЛОСНА ПОДДРШКА ЗА АПСЕЊЕТО НА КОРУМПИРАНАТА ПРОФЕСОРКА Универзитетот Гоце Делчев ги охрабрува студентите да пријавуваат слични појави
Ги повикуваме сите кои имаат сознанија за корупција или други незаконски дејствија да не молчат. На Универзитетот постојат воспоставени механизми за пријавување на вакви случаи и секој може без страв да ги искористи – се вели во соопштението на Универзитетот.
Како Универзитет имаме нулта толеранција за корупција. Во академската заедница нема место за некој што ја злоупотребува својата позиција, го нарушува интегритетот на образованието и ја изневерува довербата што му е дадена – се вели во реакцијата на Универзитетот Гоце Делчев од Штип по веста дека професорка од оваа високошколска установа е приведена за примање 300 евра мито за да му напише преодна оценка на студент.
„За жал, ниту еден систем не е целосно имун на поединци кои се подготвени да го прекршат законот и да ја злоупотребат довербата што им е укажана. Токму затоа целосно ги поддржуваме активностите на надлежните институции во борбата против корупцијата. Само со професионални, законити и неселективни постапки можат да се откријат, санкционираат и трајно да се отстранат ваквите појави од академскиот систем.
Веруваме дека токму ваквите постапки се единствениот пат кон посилни, поздрави и покредибилни институции. Ги повикуваме сите кои имаат сознанија за корупција или други незаконски дејствија да не молчат. На Универзитетот постојат воспоставени механизми за пријавување на вакви случаи и секој може без страв да ги искористи.
Истовремено, ги охрабруваме сите ваквите сознанија директно да ги пријавуваат и до надлежните институции. Само со навремено пријавување, професионално постапување и доследно почитување на законот можеме да изградиме систем во кој знаењето, чесноста и личниот интегритет ќе бидат единствените критериуми за успех, а оние што ја злоупотребуваат довербата што им е дадена нема да имаат место во академската заедница“ – се вели во писмениот став на УГД Штип.