ЌЕ СЕ КРАТАТ 100 АДМИНИСТРАТИВНИ ПОСТАПКИ КОИ ИМ ТЕЖАТ НА БИЗНИСИТЕ Дурмиши кажа дека 28 парафискални давачки се довеле во ред

Министерот за економија Бесар Дурмиши даде отчет и за мерките за намалување на цените, но и за враќањето на социјалниот дијалот.

66

Во изминатите две години создадовме политики кои носат конкретни ефекти, а една од нашите најголеми одговорности беше заштитата на животниот стандард на граѓаните, рече денеска министерот за економија и труд  Бесар Дурмиши, на прес-конференција за отчет за сработеното.

Според Дурмиши, остануваат бројни предизвици, но реформите што ги започна Министерството за економија се цврста основа за поконкурентна, поиновативна и поотпорна економија.






– Кога беше потребно, носевме таргетирани мерки за стабилизација на пазарот, меѓу кои и ограничување на трговските маржи и воведување на потрошувачки кошнички со цел да се ублажи притисокот врз семејните буџети и да се спречат неоправдани ценовни шокови – рече тој.

Дурмиши рече дека сега во фокусот е стратешка стабилизација на пазарот преку постојана координација со сите надлежни институции, регулаторни тела, производителите, трговците и стопанските комори.

– Целта е навремено да ги препознаваме ризиците, да спречуваме нарушувања на пазарот и да создадеме предвидлива економска средина во која ќе бидат заштитени и интересите на потрошувачите и условите за нормално функционирање на стопанството. Владата нема пасивно да ги набљудува случувањата на пазарот. Доколку околностите повторно наложат интервенција за заштита на животниот стандард на граѓаните, ќе ги искористиме сите законски механизми што ни стојат на располагање. Наш приоритет останува стабилен пазар, фер конкуренција и заштита на секое македонско семејство – рече Дурмиши.

Министерството својата работа ја насочило кон пет стратешки приоритети: намалување на невработеноста, поддршка на инвестициите, развој на малите и средните претпријатија, спроведување на Реформската агенда и дигитализација на услугите. Успешно се реализирани оперативните планови за вработување за 2024, 2025 и 2026 година.

– Само за 2025 година за активните мерки за вработување беа обезбедени повеќе од 2,5 милијарди денари, а реализирани се над 2 милијарди денари. Со новиот Оперативен план обезбедивме 2,41 милијарди денари, со кои ќе бидат опфатени 10.352 граѓани. Предвидовме грантови за самовработување, поддршка за нови компании, субвенционирано вработување, практикантство за 1.150 млади лица, обуки за дефицитарни занимања, поддршка за лица со попреченост и младински додаток за 3.500 млади – наведе Дурмиши.

Тој соопшти дека се донесени или изменети  повеќе од 20 законски решенија од областа на трудот и се воспоставил вистински институционален социјален дијалог меѓу Владата, работодавачите и синдикатите.

Осврнувајќи се на активностите за подобрување на деловната клима, наведе дека во рамките на Реформската агенда оптимизирале 28 парафискални давачки и оти мапирале 100 административни постапки кои постепено ќе бидат поедноставени и скратени.

Во делот на финансиската поддршка на инвестициите укажа  дека во Буџетот за 2026 година обезбедени се 1,2 милијарди денари. Како добар пример ја наведе Технолошко-индустриската развојна зона Тетово, каде во 2025 година компаниитее реализирале производство од над 6,4 милијарди денари и извоз од речиси 8,9 милијарди денари.

– Во зоната денес работат 1.845 лица. Воедно, обезбедивме нова инвестиција од компанијата CAVO Otomotiv, вредна 21 милион евра, која ќе отвори околу 550 нови работни места и дополнително ќе ја зајакне автомобилската индустрија во државата – рече Дурмиши.

Во рамки на реформите поврзани со европската интеграција наведе дека реализирале повеќе ИПА-проекти, работеле на усогласување со европското законодавство, на развој на малите и средните претпријатија, на човечкиот капитал и на подобрување на конкурентноста на македонската економија.

 

Поврзани содржини