ДАЛИ ДРЖАВАТА Е ДОСТАПНА НА СЕКОЈ ЕЛЕКТРОНСКИ УРЕД? Андоновски даде отчет колку остварил во дигиталната трансформација на државата

Македонија бележи скок од 22 места на GovTech Maturity Index на Светска банка и преминува во категорија А. Во 2025 година, Министерството за дигитална трансформација беше рангирано и на прво место по транспарентност.

46

Кога започнавме, наследивме тешка состојба- супстандардни услови за работа, дезорганизирани процеси, тужби, нефункционални системи, блокирани проекти, долг кон програмата Дигитална Европа, блокирани апликации и застој во дигитализацијата на услугите. Но, наместо изговори, избравме работа, рече министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на прес конференција на која ги претстави резултатите од двегодишното работење.

Тој нагласи дека за две години Министерството покажа дека дигиталната трансформација не е апстрактен концепт, туку конкретна промена во секојдневието на граѓаните.






-Еден од најзначајните резултати е развојот на Националниот портал за електронски услуги uslugi.gov.mk. Бројот на електронски услуги на порталот порасна од 120 во 2024 година на 352 во 2026 година. Месечниот број на издадени услуги се зголеми од 1.354 на 13.445, бројот на корисници од 110.000 во 2024 година на 266.000 денес, а вкупниот број поднесени барања од 64.000 на над 340.000. Ова значи повеќе услуги без шалтер, без непотребни документи и без губење време – рече Андоновски.

Само лани, напомена, беа регистрирани повеќе од 92.000 нови корисници на порталот – повеќе од вкупниот број нови корисници од 2020, 2021 и 2022 година заедно.

-Ова значи дека граѓаните почнаа да го користат порталот затоа што конечно на него има услуги кои им требаат. Денес граѓаните можат целосно дигитално да добијат: извод од матична книга на родени, венчани и умрени, уверение за државјанство, потврди за неосудуваност, одобрение за набавување оружје и десетици, стотици други услуги. Особено важно е што преку порталот целосно електронски беше спроведена и постапката за студентските ваучери за купување електронски уреди за над 40.000 студенти. Тоа значеше онлајн аплицирање, без турканици, без непотребни документи и без пријави за корупција и нетранспарентна распределба – рече Андоновски.

Тој ги претстави останатите 10 приоритети во работењето во кои, како што рече, се гледаат резултати.

-Нашиот втор приоритет беше да ги приближиме услугите на државата до граѓаните и физички, не само дигитално. До 2024 година постоеја само пет центри за услуги: во Скопје, Тетово, Куманово, Битола и Охрид. Денес имаме 16 центри за услуги, со нови локации во: општина Аеродром, Јагуновце, Штип, Кавадарци, Виница, Свети Николе, Неготино, Делчево, Прилеп, Струмица и Крушево – рече Андоновски.

Андоновски рече и дека за проектот „Роаминг како дома“ се завршени сите домашни обврски, а проектот за вештачка интелигенција „Везилка“ станува реалност.

Уште ова лето ќе се видат првите резултати од заштитата на македонскиот јазик во дигиталниот простор, зашто првата задача на Националниот центар за вештачка интелигенција „Везилка“ ќе биде, во најголема можна мера да го дигитализира македонскиот дигитален јазичен корпус. И во таа смисла, ќе имаме производ — алатка што работи на македонски јазик –  рече Андоновски.

Toj потенцираше дека резултатите на Министерството се препознаени и меѓународно. Македонија бележи скок од 22 места на GovTech Maturity Index на Светска банка и преминува во категорија А. Во 2025 година, Министерството за дигитална трансформација беше рангирано и на прво место по транспарентност.

Андоновски  потсети дека кога стапил на функцијата, наследил тужби од приватни компании, тужби од поранешни вработени, тужби од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Македонската радио телевизија, кои достигнувале милионски износи.

-Наследивме уништен возен парк, без ниту едно функционално возило и без соодветна описна евиденција. Наследивме блокирани проекти од витално значење, проект за широкопојасен интернет, долг кон програмата Дигитална Европа, блокирани апликации, блокиран ИПА проект за дигитализација на услуги. Во одредени случаи поднесовме и кривични пријави против поранешни министри и функционери за злоупотреба на постапки за јавни набавки и на службена положба. Имаше системи кои работеа со прекини, институции кои не разменуваа податоци, ИТ законодавство кое последен пат сериозно било усогласувано со европските правила во 2018-тата година. И се боревме и успеавме да ги поминеме пречките и да забрзаме напред – рече Андоновски.

Тој заклучи дека Македонија не смее да биде држава на чекање, туку држава што испорачува конкретни резултати за граѓаните, компаниите и институциите.

– Дигиталната трансформација за нас значи држава што е достапна од секој уред, услуги што се завршуваат без непотребни шалтери, институции што разменуваат податоци наместо граѓаните да носат документи, и систем што ги штити податоците и довербата на граѓаните. Нашата обврска е да продолжиме да градиме дигитални услуги, сајбер отпорност и институции кои испорачуваат брзо, транспарентно и еднакво за сите – рече тој.

Поврзани содржини