ИСТОРИСКО ДЕБИ НА ВИМБЛДОН И ТОА ПРОТИВ ЛАНСКАТА ФИНАЛИСТКА Ѓорческа ја доби шестата носителка, но има причина за оптимизам

Македонската тенисерка ќе дебитира во главниот жреб на Вимблдон против Американката Аманда Анисимова, која во Лондон пристигнува по проблеми со повреда и промена на тренерот.

248

Најдобрата македонска тенисерка, Лина Ѓорческа, го доби најтешкиот можен предизвик на својот историски дебитантски настап во главниот жреб на Вимблдон. Во првото коло ќе се соочи со шестата носителка и една од фаворитките за титулата, ланската финалистка Аманда Анисимова.

Главниот турнир во Лондон започнува в понеделник, а Ѓорческа, која до историскиот пласман стигна преку три импресивни победи во квалификациите, ќе има исклучително тешка задача против една од најдобрите тенисерки на светот. Засега не е познато во колку часот и на кој терен Лина ќе го има на познатата лондонска трева.






Повредата на Анисимова може да биде шансата на Ѓорческа

Иако Американката е голем фаворит според пласманот и рејтингот, нејзината форма во последниот период не е на посакуваното ниво.

По поразот од Џесика Пегула во четвртфиналето на Австралија Опен, Анисимова се соочи со сериозна повреда на левиот зглоб, поради која речиси два месеци беше надвор од терените и ја пропушти целата сезона на земјена подлога.

Неодамна беше елиминирана во четвртфиналето на турнирот во Квинс, а во пресрет на Вимблдон се раздели и со својот тренер, па во Лондон пристигнува со одредени прашалници околу физичката подготвеност и натпреварувачката форма.

Од друга страна, Ѓорческа веќе го оствари најголемиот успех во историјата на македонскиот тенис, откако стана првата македонска тенисерка што обезбеди место во главниот жреб на Вимблдон.

Без резултатски притисок и со огромна самодоверба по трите победи во квалификациите, македонската тенисерка ќе се обиде да приреди сензација против една од фаворитките за титулата.

Поврзани содржини