SPORT LIFE ДОНИРАШЕ СОВРЕМЕНА ОПРЕМА ЗА ДЕЦА СО РАЗВОЈНИ ПОТЕШКОТИИ Поддршка за две организации што работат со најранливите категории

Компанијата обезбеди средства за асистивна технологија, рехабилитациски помагала и дидактички материјали за Здружението „Отворете ги прозорците“ и Центарот SLP.BOJAN.

17

Компанијата Sport Life донираше средства за две организации кои работат со деца со развојни потешкотии – Здружението „Отворете ги прозорците“ и SLP.BOJAN – Центар за логопедија, специјална едукација и рехабилитација, со цел да обезбеди современа асистивна технологија, рехабилитациски помагала и дидактички материјали што ќе ја подобрат поддршката за децата и лицата со попреченост.

Од компанијата велат дека донацијата е дел од нивната долгорочна стратегија за општествена одговорност и поддршка на заедницата.






– Во Sport Life постојано ги следиме потребите на заедницата и се стремиме да поддржиме иницијативи кои носат реални придобивки за граѓаните. Веруваме дека овие донации ќе помогнат во подобрување на условите за работа на двете организации и ќе придонесат за полесен развој, едукација и инклузија на децата кои се соочуваат со различни предизвици – изјави Петар Поцков, маркетинг директор на Sport Life.

Од компанијата посочуваат дека потребата од стручна поддршка за деца со говорно-јазични, когнитивни, моторни и социо-емоционални потешкотии постојано расте, а современите технологии имаат значајна улога во нивниот развој и едукација.

Од Здружението „Отворете ги прозорците“ велат дека ваквите донации директно придонесуваат за подобар квалитет на услугите што ги добиваат децата.

– Кога компаниите ја препознаваат важноста на солидарноста и инклузијата, се создаваат можности за вистински промени. Со оваа донација ќе обезбедиме дополнителна индивидуализирана поддршка преку асистивна технологија, која им помага на децата со попреченост полесно да учат, комуницираат и учествуваат во заедницата. Заедничките вложувања се клучни за создавање општество во кое можностите се достапни за сите – истакна Радмила Стојковска Алексова, раководителка на Центарот за асистивна технологија при Здружението.

Организацијата веќе две децении обезбедува поддршка за деца со попреченост и нивните семејства, а досега индивидуализирани услуги добиле повеќе од 900 деца со нарушувања од аутистичниот спектар, церебрална парализа, интелектуални попречености и комплексни комуникациски потреби.

Преку својот Центар за асистивна технологија, организацијата обезбедува бесплатен пристап до современи технолошки решенија, едукативни материјали и стручна поддршка за развој на комуникациските, образовните и социјалните вештини.

Благодарност за донацијата упатија и од Центарот SLP.BOJAN.

– Едно утро нè разбуди еден хуман повик. Во нашиот центар се јавија од Sport Life и нè известија дека сакаат да донираат, бидејќи веруваат дека ќе биде од помош токму за оние на кои им е најпотребна – лицата со развојни нарушувања. Оваа донација ни овозможи да набавиме современа технологија за стимулација на говорно-јазичниот, когнитивниот и бихејвиоралниот развој, како и рехабилитациски и сензорни помагала што секојдневно ги користиме во работата. Благодарни сме за поддршката и за препознавањето на важноста на нашата работа – изјави Бојан Богдановски, клинички логопед – специјалист и основач на Центарот.

SLP.BOJAN обезбедува стручна поддршка за деца и лица со развојни потешкотии, говорно-јазични нарушувања и комуникациски предизвици преку индивидуализирани програми за развој на говорот, јазикот, комуникацијата и когнитивните способности.

Од Sport Life потсетуваат дека и претходно реализирале бројни општествено одговорни проекти во областа на здравството, спортот и образованието. Минатата година компанијата донираше средства за реновирање на дел од ГОБ „Св. Наум Охридски“ во Скопје, а обезбеди и стипендии за македонски спортисти кои настапија на Олимписките игри.

Поврзани содржини