КОЈ ПУКАШЕ ВО УМЕТНИКОТ КРИТИЧАР НА ПУТИН? Мистериозно убиство во Источна Полска

Семјон Скрепецки, руски карикатурист кој со години јавно го критикуваше Кремљ, беше застрелан во близина на белоруската граница. Истрагата е во тек, а мотивот засега не е познат.

43

Семјон Скрепеки, руски карикатурист кој со години јавно го критикуваше Кремљ, беше застрелан во близина на белоруската граница. Истрагата е во тек, а мотивот засега не е познат.

Само неколку дена откако протестирал пред руската амбасада во Берлин држејќи карикатура со Владимир Путин, рускиот уметник Семјон Скрепецки бил застрелан на улица во источна Полска.






Четириесет и четиригодишниот руски државјанин бил нападнат во градот Бјала Подласка, недалеку од границата со Белорусија. Напаѓачот, или напаѓачите, избегале од местото на настанот, а Скрепецки подоцна им подлегнал на повредите.

Од карикатури до егзил

Полските медиуми објавија дека Скрепецки бил познат по сатиричните дела во кои ги исмејувал Владимир Путин, Рамзан Кадиров и други личности поврзани со руската власт.

Според објавените информации, тој ја напуштил Русија во 2021 година поради страв од политички прогон.

Само неколку дена пред убиството учествувал на протест пред руската амбасада во Берлин. На фотографиите што се проширија на социјалните мрежи се гледа како држи уметничко дело на кое Јосиф Сталин го храни младиот Путин.

 

 

Кој пукал сè уште не се знае

Полската полиција потврди дека рускиот државјанин бил застрелан на улица во близина на центарот на градот.

Портпаролот на полицијата Анджеј Фијолек изјави дека сè укажува на целно убиство.

– Ако некој се приближи до одредено лице на улица и пука, сè укажува дека имало намера да се убие – изјави Фијолек.

Според дел од медиумите, белоруски државјанин бил приведен во близина на белорускиот конзулат во Бјала Подласка, но властите засега не потврдија официјално апсење.

Случај што буди стари спомени

Убиството се случува во период на зголемени тензии меѓу Полска и Русија.

Варшава со години ја обвинува Москва, како и нејзиниот сојузник Белорусија, за сајбер напади, дезинформациски операции и обиди за дестабилизација.

Засега нема јавни докази што директно го поврзуваат нападот со руски државни структури, а истражителите не соопштија можен мотив.

Сепак, доколку се потврди дека станува збор за целно убиство на критичар на Кремљ во егзил, случајот неизбежно ќе биде споредуван со претходните напади врз руски дисиденти и новинари.

Поврзани содржини