ДАЛИ ДРЕСОТ НА ПЕЛЕ ЌЕ ЈА ДОСТИГНЕ ЦЕНАТА НА ДРЕСОТ НА МАРАДОНА? Со него за првпат Бразил се стори светски првак
Синиот дрес од финалето на Мундијалот во 1958 година, кога Пеле за Бразил ја освои првата светска титула, наскоро оди на аукција. Дали ќе ја достигне сумата од 9,29 милиони долари за кои беше продаден дрес на Марадона за голот „Божја рака“?
Пеле имал само 17 години кога го одиграл натпреварот што засекогаш го промени фудбалот. Во финалето на Светското првенство во Шведска во 1958 година, младото бразилско чудо постигнало два гола во победата од 5-2 над домаќинот и ја освоило првата светска титула за Бразил.
Токму синиот дрес што го носел тој ден сега ќе биде понуден на аукција во „Сотбис“.
Проценките се дека би можел да достигне цена повисока од 6 милиони долари.
Ќе го стигне ли Марадона?
Иако се очекува дресот да достигне вртоглава сума, пред него стои еден огромен рекорд. Дресот што Диего Марадона го носеше против Англија на Мундијалот во 1986 година беше продаден за 9,29 милиони долари.
Тоа е дресот од натпреварот што светот го памети по легендарната „Божја рака“.
Го чувале кај Диди
По натпреварот, Пеле му го подарил дресот на својот цимер и соиграч Диди. Со децении останал во неговото семејство.
Подоцна бил изложен во музеј, а во 2004 година го купил анонимен колекционер.
Сега повторно излегува на пазарот. Аукцијата ќе трае од 29 јуни до 16 јули.