ДОКАЗОТ Е ВО ВАТИКАН, ВРВНИ СЛАВИСТИ ГО ОБЈАВИЛЕ Над 300 зборови сведочат за македонскиот јазик од 16 век!
Ракопис скриен во стар грчки кодекс во Ватиканската библиотека повеќе од половина век е предмет на научни анализи. Италијанскиот славист Чиро Џанели и францускиот лингвист Андре Вајан во 1958 година го објавиле под наслов „Македонскиот речник од XVI век“.
Меѓу илјадниците ракописи што со векови се чуваат во Ватиканската библиотека, еден мал документ долго останал речиси незабележан. Станува збор за само 5 листа хартија, вметнати меѓу страниците на постар грчки кодекс.
Денес токму тие неколку страници се познати како „Македонскиот речник од XVI век“, документ што и по повеќе од 6 децении предизвикува интерес кај историчарите, филолозите и лингвистите, пишува Свето Тоевски за Нова Македонија.
Текстот изворно е запишан со грчки букви, но јазикот е чист македонски народен говор. Во поглед на дијалектната припадност, двајцата научници утврдиле дека зборовите потекнуваат од костурскиот крај, поточно од околината на селото Богатско, Југозападна Македонија, денес во Грција.
Ракописот бил откриен во 1940 година од кардиналот Џовани Меркати. Набргу потоа завршил на масата на италијанскиот византолог и славист Чиро Џанели. Во годините што следувале, истражувањето постепено се претворило во меѓународен научен проект.
„Овој документ е скапоцена реликвија“
По Втората светска војна во анализата се вклучил и познатиот француски славист Андре Вајан. Нивната заедничка студија била објавена во Париз во 1958 година под наслов „Македонскиот речник од XVI век“.
Џанели уште тогаш оценил дека не станува збор за обичен лексикографски запис.
„Македонскиот лексикон од 16 век“ го нарекол „древен документ на словенски дијалект од југозападна Македонија“, но и „скапоцена реликвија“.
Во воведот на студијата објаснил дека истражувањето го работел со помош на врвни европски слависти и познавачи на јужнословенските јазици.
Во истражувањето учествувале врвни европски слависти
Малку познат детал е дека во првичните анализи бил вклучен и францускиот лингвист Андре Мазон, еден од најпознатите европски проучувачи на македонските дијалекти во првата половина на 20 век.
Џанели во својата студија наведува дека со Мазон разменувал мислења и забелешки за јазичните особености на текстот. Подоцна лингвистичката анализа ја продолжил Вајан, кој изработил посебна научна студија за јазикот на ракописот.
Така, зад документот што содржи само неколку страници стои работа на неколкумина од најугледните европски слависти од тоа време.
330 зборови што го преживеале времето
Ракописот содржи околу 330 зборови, изрази и куси реченици. Запишан е со грчки букви, но научниците заклучиле дека јазикот припаѓа на народен говор од костурскиот регион, поточно од околината на селото Богатско.
Меѓу запишаните зборови се среќаваат „сокол“, „врапци“, „кокошки“, „кози“, „јагне“, „круша“, „месо“, „сирени“, „јајца“, „вино“, „сол“ и „жито“.
Токму ваквите секојдневни зборови му даваат посебна вредност на ракописот. Наместо јазик на дворци или црковни книги, документот зачувал дел од живиот народен говор од пред повеќе векови.
„Ела да јаме и да пиеме“
Посебно внимание привлекуваат речениците што се зачувале во текстот.
„Господине, брате, да си здрав, да си прост, остави ни да спиме“, стои во еден запис.
Во друг дел е забележана реченицата:
„Ела да јаме, и да пиеме, дол да појдиме, да работиме.“
И денес тие реченици можат да се разберат речиси без превод. Токму ваквите примери биле меѓу аргументите на Џанели и Вајан кога ја анализирале поврзаноста на ракописот со народните говори од југозападна Македонија.
Суштински документ за континуитетот
Во својата анализа Вајан напишал дека значењето на ракописот не лежи само во неговата старост.
„Македонскиот лексикон, објавен од Ч. Џанели, е важен поради својот датум, но и доволно важен од суштински аспект за да оправда изготвување посебна студија за него“, навел францускиот славист.
Според него, текстот овозможува подобро следење на развојот на еден дел од македонските говори низ вековите.
Повеќе од осум децении по неговото откривање и повеќе од шест децении по објавувањето на научната студија, ракописот од Ватикан продолжува да се споменува во научни и јавни дебати. Мал документ од само пет листа хартија успеал да остави трага далеку поголема од својата големина.