ЕДЕН ПОВИК ДОДЕКА ВОЗИТЕ ВО ГРЦИЈА МОЖЕ ДА ВЕ ЧИНИ ДОЗВОЛА Новите казни достигнуваат и до 4.000 евра

Грција воведе едни од најстрогите казни во Европа за користење мобилен телефон при возење. За повторени прекршоци следуваат илјадници евра казна, одземање на возачката дозвола, па дури и затвор доколку има тешки последици.

1

Возач фатен со телефон во рака во Грција веднаш останува без возачката дозвола на еден месец и плаќа казна од 350 евра. Секој следен прекршок носи уште построги санкции, кои достигнуваат до 4.000 евра и осум години без возачка дозвола.

Санкциите за мобилен во рака додека возите според новиот Закон за сообраќај кај нашиот јужен сосед се едни од најригорозните во Европа.






Секоја наредна казна е потешка

Санкциите растат со секој следен прекршок. Првиот прекршок носи казна од 350 евра и одземање на дозволата на еден месец. Вториот се казнува со 1.000 евра и шест месеци без дозвола.

Третиот прекршок веќе значи 2.000 евра казна и одземање на возачката дозвола на една година.

Несреќата ја множи сметката

Казните стануваат уште построги ако користењето телефон доведе до сообраќајна несреќа.

Во таков случај, втор прекршок носи 2.000 евра казна и четири години без возачка дозвола. Трет прекршок се казнува со 4.000 евра и одземање на дозволата на осум години.

Половина секунда што може скапо да чини

Експертите предупредуваат дека возачите кои користат телефон реагираат околу половина секунда побавно од останатите. При брзина од 110 километри на час тоа значи околу 14 метри подолго растојание за сопирање.

Токму поради ваквите ризици грчките власти решија значително да ги заострат казните. Целта е да се намали бројот на несреќи предизвикани од невнимание зад воланот.

Не е исклучена ниту затворската казна

Законот предвидува и затворски казни ако користењето телефон предизвика тешки последици.

Доколку има тешка телесна повреда, сторителот може да добие казна затвор до 10 години. Во случај на смрт, казната може да достигне до 20 години.

Ако во несреќата има голем број жртви или повредени, грчкиот закон предвидува и доживотен затвор.

Поврзани содржини