СДСМ СЕ ОБИДУВА ДА ГИ СОКРИЕ СОПСТВЕНИТЕ ПРОБЛЕМИ Необошевици ја водат партијата, тврди Димитриевски

Лидерот на ЗНАМ вели дека партијата останува стабилна и нема да поддржи уставни измени без јасни гаранции за националните интереси.

144

Претседателот на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, Максим Димитриевски, во интервју за „Фокус“ упати остри критики кон СДСМ, оценувајќи дека партијата продолжува со, како што рече, старата матрица на политички спинови и дефокусирање на јавноста од сопствените проблеми.

Димитриевски изјави дека обидите за создавање приказни за наводни незадоволства и поделби во ЗНАМ се дел од политичка стратегија на раководството на СДСМ.






– Сите овие приказни што периодично се пуштаат во јавноста дека некој бил незадоволен или маргинализиран се дел од старата матрица на политичкиот спин, поттикната од необољшевиците што сега го водат СДСМ и се обидуваат своите внатрешни проблеми да ги рефокусираат кај конкурентните партии – истакна Димитриевски.

Тој нагласи дека ЗНАМ останува стабилен политички субјект со сопствен интегритет и јасна визија, додавајќи дека движењето не функционира како привезок на туѓи политики.

Според него, ЗНАМ гради автентичен политички концепт во Македонија, со јасно поставени принципи и црвени линии.

Осврнувајќи се на прашањето за уставните измени и внесувањето на Бугарите во Уставот, Димитриевски повтори дека неговата партија нема да поддржи решенија што, како што рече, се наметнуваат под диктат и со постојани нови условувања.

– Ако воопшто се отвора Уставот, тоа мора да биде резултат на јасен внатрешен консензус и реални, проверливи гаранции за националните и државните интереси и врз база на реципроцитет. Без тоа, секое инсистирање е само продолжување на политичка несигурност и постојано поместување на условите – нагласи претседателот на ЗНАМ.

Димитриевски порача дека пратениците на ЗНАМ ќе носат одлуки исклучиво во согласност со националниот и државниот интерес, Уставот и програмските принципи на движењето.

Во интервјуто тој посочи дека ЗНАМ ќе продолжи со политиките насочени кон, како што наведе, градење стабилна држава, силни институции и решенија во интерес на граѓаните, со фокус на долгорочен раст и развој на државата.

Поврзани содржини