13-ГОДИШНО ДЕТЕ ЗАГИНА ВОЗЕЈЌИ ТРОТИНЕТ Малолетник смртно повреден по удар од автомобил
13-годишно дете од кумановско загина во сообраќајна несреќа на патот Куманово–Скопје, по судир со автомобил, соопшти полицијата.
Тринаесетгодишно дете од кумановското село Черкези загина синоќа во тешка сообраќајна несреќа што се случила на регионалниот пат Куманово–Скопје.
Како што соопшти СВР Куманово, несреќата се случила помеѓу патничко возило „мерцедес“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од 24-годишниот Ф.С. од Куманово, и електричен тротинет на кој се наоѓало 13-годишното дете.
По судирот, малолетникот бил итно пренесен во Општата болница во Куманово, каде лекарите ја констатирале неговата смрт.
Возачот на автомобилот бил лишен од слобода во 21:20 часот во Полициската станица Куманово.
„По несреќата, малолетникот бил пренесен во болницата во Куманово каде лекар констатирал смрт. Возачот е лишен од слобода“, соопшти полицијата.
На местото на несреќата увид извршиле јавен обвинител од Основното јавно обвинителство и увидна екипа од СВР Куманово.