„СДСМ, ДУИ И ЛЕВИЦА ВО КООРДИНИРАН НАПАД ПРОТИВ МЕНЕ“ Тошковски најави жестока одбрана во Собранието, не стравува од интерпелација

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја обвини опозицијата за координирани напади и политички притисоци, по најавата на нова интерпелација од Левица.

102

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски преку објава на социјалните мрежи реагираше на најавата за нова интерпелација против него, оценувајќи дека станува збор за политички координиран напад од страна на опозициските партии СДСМ, ДУИ и Левица.

– Денешниот ден повторно ја разоткри коалицијата СДСМ, ДУИ и Левица, кои синхронизирано и координирано повторно ги насочија сите свои сили кон мене – напиша Тошковски.






Тој тврди дека на пратеничките прашања СДСМ повторно, како што наведе, „со папагалско повторување на зборот оставка“, ДУИ со „традиционални измислени етнички прашања“, а Левица со нова интерпелација, настапиле усогласено.

– Три партии, наводно различни и наводно спротивставени, денес повторно усогласени и координирани за една единствена цел – посочи министерот.

Тошковски додаде дека Левица ја најавила третата интерпелација против него во период од помалку од две години.

– Левица ја најави третата интерпелација против мене за помалку од две години. Како и претходните две и оваа повторно беше најавена преку режирана прес-конференција, повеќе со евтин политички настап отколку со суштински аргументи – наведе тој.

Сепак, министерот порача дека интерпелацијата е демократско право и дека ќе се појави во Собранието.

– Интерпелацијата е демократско право на опозицијата и јас тоа право целосно го почитувам. Ниту сум бегал, ниту ќе бегам од расправа. Напротив, аргументите ќе ги соочам таму каде што треба, во Собранието, јавно, пред сите пратеници и пред граѓаните – истакна Тошковски.

Тој додаде дека одлуката, како што рече, треба да ја донесат избраните претставници на народот.

Министерот во објавата оцени дека Левица станува „најкорисен сојузник на СДСМ и ДУИ“, и покрај тоа што се претставува како нивна алтернатива.

– Левица уште еднаш покажа дека, свесно или несвесно, станува најкорисниот сојузник на СДСМ и ДУИ – рече тој.

Според Тошковски, партијата без конкретни резултати се насочува кон политички конфронтации.

– Вистината е дека Левица го достигна својот политички максимум без зад себе да остави ниту еден конкретен резултат, ниту една реализирана реформа, ниту едно решено прашање – оцени министерот.

Тој порача дека нема да отстапи од работата во Министерството.

– Јас ќе продолжам да работам, ќе продолжам да се борам со аргументи и со резултати. А конечниот суд, како и секогаш, ќе го дадат граѓаните – заклучи Тошковски.

Поврзани содржини