НЕМА ДА ИМА ПОСКАПУВАЊЕ, ТУКУ ПОЕВТИНУВАЊЕ НА СТРУЈАТА Мицкоски најави пресврт со цената, се подготвува нов модел

Премиерот Христијан Мицкоски на собраниска седница за пратенички прашања изјави дека Владата работи на амбициозна реформска агенда, при што најави можни поевтинувања на електричната енергија и нов енергетски модел, како и напредок во реформите поврзани со ЕУ интеграциите.

738

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска на собраниската седница за пратенички прашања порача дека реформската агенда се движи во добра насока и дека државата има шанса да се позиционира меѓу „фронтранерите“ во процесот.

Тој нагласи дека до 30 јуни е предвиден „грејс период“ за завршување на дел од обврските и изрази очекување дека резултатите ќе бидат видливи во претстојниот извештај.






– Имаме амбициозна агенда. Нашата цел е да испорачаме реформи дома, да ја завршиме реформската агенда и акцискиот план, и да покажеме дека имаме капацитет да бидеме меѓу водечките земји – рече Мицкоски.

Тој додаде дека Владата сака да се фокусира на внатрешните реформи и да ги стави во втор план, како што рече, барањата поврзани со уставните измени.

Во делот на енергетиката, премиерот најави дека се работи на модел кој би можел да донесе поевтина електрична енергија за граѓаните.

Според него, новите решенија, договорени во консултација со Европската комисија, би можеле да овозможат намалување на цената на струјата од 5 до 10 проценти.

– Иако пазарот е либерализиран, правиме допрецизирања во Законот за енергетика. ЕСМ нема да испорачува повеќе од 70% од потребите на снабдувачот од 1 јануари 2027 година. Целта е да добиеме поевтина и стабилна цена – истакна Мицкоски.

Тој појасни дека потрошувачката на електрична енергија е поделена во периоди од денот и годината, со различни цени во зимска и летна сезона, како и преку ден и ноќе, зависно од производството од обновливи извори.

– Сакаме да направиме модел што ќе биде вин-вин ситуација – и за системот и за граѓаните. Во одредени периоди струјата од соларните капацитети е речиси со нулта или дури негативна цена – рече премиерот.

Мицкоски додаде дека повеќето мерки од реформската агенда се во завршна фаза, а како отворено прашање останува Изборниот законик, кој зависи од политички договор со опозицијата.

Поврзани содржини