МИ ТРЕБАШЕ ЕДНА ГОДИНА ДА ГИ УБЕДАМ ЕВРОПСКИТЕ ЛИДЕРИ ЗА УСЛОВОТ „БУГАРИ ВО УСТАВ“! Румен Радев се пофали како ја изблокирал Македонија на патот кон ЕУ
Ми требаше една година да ги убедам европските лидери зошто тоа треба да се случи. Му оддавам признание на претседателот Макрон, кој прв ја согледа оправданоста на оваа идеја – рече Радев во Париз.
Пред средбата со францускиот претседател Емануел Макрон во средата во Париз, бугарскиот премиер Румен Радев откри дека прашањето за внесувањето на Бугарите во Уставот на Македонија го поставил уште во 2021 година.
– Ми требаше една година да ги убедам европските лидери зошто тоа треба да се случи. Му оддавам признание на претседателот Макрон, кој прв ја согледа оправданоста на оваа идеја и со заеднички напори таа беше вклучена во преговарачката рамка во јули 2022 година. Верувам дека на денешната средба ќе обезбедиме поддршка од Франција, за овој консензус да се спроведува во целост – ја пренесоа бугарските медиуми изјавата на Радев.
Деновиве Радев престојува во официјална посета на Париз и Брисел, каде што на агендата има средби со повеќе европски лидери. По посетата на Франција, Радев ќе патува за Брисел, каде што има средба со белгискиот премиер Барт де Вевер, а утре бугарскиот премиер се среќава и со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. На агендата се и разговори со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, како и со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
На прес-конференцијата во Париз Радев рече дека Европа мора да ја преиспита својата досегашна политика кон војната во Украина и да преземе поактивна улога во мировните преговори со Русија. Тој оцени дека дипломатијата треба повторно да стане клучен инструмент за решавање на конфликтот, додавајќи дека приоритет за бугарската влада е безбедноста и животниот стандард на бугарските граѓани, а не носење одлуки за дополнителна финансиска помош за Украина. Тој се осврна и на енергетската политика, нагласувајќи дека нуклеарната енергија треба да биде признаена како зелена и стратешки важна за Европа, при што ја потенцираше и соработката меѓу Бугарија и Франција во областа на нуклеарната енергетика и железничката инфраструктура.