ИНФЛАЦИЈАТА НЕ Е НА АЛАРМАНТНО НИВО ЗА ДА СЕ ПРЕЗЕМАТ НЕКАКВИ МЕРКИ Ристески вели ситуацијата се следи и ако треба ќе има мерки

Заменик министерот за економија информира дека преку 30 екипи од Државниот пазарен инспекторат се на терен, ги контролираат цените на увозниците, дистрибутерите, производителите и маркетите.

26

Имаме нормална инфлација со оглед на кризата во светски рамки, која не е на алармантно ниво за да се ограничат маржите или цените. Ситуацијата постојано се следи и ако има потреба, Владата ќе ги спроведе сите законски можности и решенија. Нормално е да има мало покачување на цените на одредени производи, но сето тоа е дозволиво доколку е економски оправдано, изјави денеска заменик-министерот за економија, Марјан Ристески.

Како што истакна Рисетски, преку 30 екипи од Државниот пазарен инспекторат се на терен, ги контролираат цените на увозниците, дистрибутерите, производителите и маркетите. Нема да се дозволи неекономско и непазарно однесување и печалење на грбот на граѓаните.






– Ние успеавме да ја смириме инфлацијата пред да почне светската економска криза и беше проектирана на 2,5 до 3% од страна на Народна банка и Владата, меѓутоа сигурно ќе имаме малку повисока инфлација. Владата во иднина е подготвена да ги спроведе сите законски можности и решенија – дали тоа ќе биде во однос на ограничување на цени или можност за намалување на ДДВ на одредени на основни прехранбени производи. Ќе реагираме во однос на ситуацијата и анализите кои доаѓаат не само од Државниот пазарен инспекторат, туку од сите институции и министерства. Мора да бидат аналитички и економски издржани, бидејќи секое политичко, ад-хок решение, како порано што правеле, предизвикува други економски турбуленции од кои понатаму државата многу тешко излегува – рече Ристески.

Според него, енергетската криза влијае врз животниот стандард и инфлацијата не само во Македонија, туку во целиот регион и секаде во светот.

-Имаме нормална инфлација за ваква криза која не отскокнува многу и можеби е една од пониските инфлации. Ако земеме предвид дека ланската година во овој период имавме и мерки и поради тие мерки на ограничување на маржите имавме малку повисока инфлација, покажана во април во однос на март од Државниот завод за статистика, сепак, сметаме дека не е некое големо и алармантно ниво за да предизвикаме вакви неекономски мерки со ограничување на маржи или други мерки, законски можности со кои може да постапи Владата околу ограничувањето на цените. Од она што е предизвикана малку поголема инфлација, гледаме дека најмногу е во транспортните трошоци, над 10% се зголемени нормално поради енергетската криза, а преку транспортните трошоци се зголемуваат и цените на другите производи.  Во однос на основните прехранбени производи, безалкохолни пијалаци, изнесува само 0,7%. Инспекторите се на терен и како Влада, повторно ќе кажам, нема да дозволиме неекономско и непазарно однесување и печалење на грбот од граѓаните во вакви тешки финансиски услови – вели Ристески. 

Поврзани содржини