МАКЕДОНИЈА ИМА ШЕСТ КВАРТАЛИ РАСТ ОД 3,5 ПРОЦЕНТИ Стојаноски најави силен инвестициски циклус

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека средствата од новото задолжување ќе се користат за капитални проекти, инфраструктура и поддршка на економскиот раст.

45

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, во емисијата „Став на регионот“ на телевизија „Њузмакс Балканс“ изјави дека Владата продолжува со економска политика насочена кон капитални инвестиции и поддршка на градежниот сектор, со цел зголемување на бруто-домашниот производ, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

– Овие 260 милиони евра што Република Македонија ќе ги повлече ќе бидат наменети за финансирање капитални проекти што се реализираат преку централниот буџет. Кога ја презедовме власта, кажавме дека нашата економска филозофија ќе почива на неколку столба, а еден од нив е силен поттик за капитални инвестиции преку кои, особено преку градежништвото, ќе го зголемиме бруто-домашниот производ. Тоа веќе се гледа во пракса – рече Стојаноски.






Тој нагласи дека државата годинава има обврска да врати 2,6 милијарди евра стари долгови, што, според него, претставува третина од Буџетот, но и покрај тоа, како што рече, обезбедени се средства за повисоки плати, пензии и инфраструктурни проекти.

– Оваа година имаме обврска да вратиме 2,6 милијарди евра стари долгови, но и покрај тоа успеваме да обезбедиме средства за повисоки плати, повисоки пензии, реконструкции и реализација на капитални проекти. Просечната пензија за две години е зголемена за 32 проценти, а сите пензионери добија покачување од 7.000 денари. Секој студент доби ваучер од 250 евра. Просечната нето-плата, според Државниот завод за статистика, е зголемена за 15,5 проценти, односно за околу 6.500 денари. Дополнително, имаме и 17.700 новоотворени работни места – изјави Стојаноски.

Тој посочи дека преку унгарскиот финансиски пакет, но и преку средства од Буџетот на Министерството за транспорт, се финансираат бројни проекти во општините.

– Во сериозна подготвителна фаза сме за почеток на изградбата на железничката пруга на Коридорот 10, а автопатот Прилеп-Битола се реализира со задоволително темпо. Кога ќе се соберат сите овие проекти, станува збор за инвестиции вредни неколку милијарди евра – истакна Стојаноски.

Тој додаде дека економската стратегија на Владата се темели на три клучни принципи: капитални инвестиции, привлекување странски директни инвестиции и поддршка на домашното стопанство.

– Во овој момент тоа ни обезбедува економски раст од 3,5 проценти шест квартали по ред, што нè рангира меѓу третото и петтото место во Европа на квартално ниво – рече Стојаноски.

Поврзани содржини