МНОГУ МОЖНОСТИ ЗА СОРАБОТКА И ЗАЕДНИЧКА ЕВРОПСКА ПЕРСПЕКТИВА Мицкоски и Пленковиќ по конструктивната и пријатна средба во Охрид
Мицкоски изрази задоволство од средбата, и рече дека таа е потврда на добрите односи и пријателство помеѓу Македонија и Хрватска.
Продлабочување на соработката меѓу Македонија и Хрватска, регионалната стабилност, европската перспектива и заедничките предизвици, биле главни теми денеска во Охрид на средбата меѓу македонскиот премиер Христијан Мицкоски и неговиот хрватски колега Андреј Пленковиќ, кој престојува во официјална посета на Македонија.
Мицкоски изрази задоволство од средбата, и рече дека таа е потврда на добрите односи и пријателство помеѓу Македонија и Хрватска.
„Денес имав чест и задоволство да го пречекам претседателот на Владата на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ. Оваа средба претставува потврда за добрите односи и пријателството помеѓу Македонија и Хрватска, како и важноста на меѓусебната соработка, европските вредности и регионалната стабилност“, напиша Мицкоски на социјалните мрежи.
Според објавата на Мицкоски, средбата се одржала во пријатна и конструктивна атмосфера, се разговарало за продлабочување на соработката меѓу двете држави, регионалната стабилност, европската перспектива и заедничките предизвици.
Според агендата, следуваше владина билатерална средба во хотел „Инекс Олгица“. Потоа двајцата премиери потпишаа договори за стратешка соработка помеѓу двете земји, а македонското Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини и хрватското Министерство за економија потпишаа меморандум за соработка.
На прес-конференцијата по потпишувањето на договорите, Мицкоски и Пленковиќ истакнаа дека со нив се продлабочуваат и онака добрите и пријателски односи меѓу двете земји, а Хрватска, која исто така е дел од НАТО, како и земја членка на ЕУ, останува еден од нашите главни партнери во евроинтеграцискиот процес.
– Особено сме задоволни што ја подигнуваме нашата соработка на повисоко ниво преку потпишување на договорот за стратешка соработка помеѓу двете влади. Овој договор е повеќе од диполоматски акт. Тој претставува рамка за долгорочно партнерство и јасна стратешка определба за продлабочување на нашите односи во области што се од суштинско значење за иднината на двете држави – рече Мицкоски.
Со договорот што денеска се потпиша ќе се овозможи уште поинтензивна соработка во повеќе стратешки сектори, како транспортот, енергетиката, ИКТ, индустријата, производството, здравството, образованието, јавната безбедност, цивилната заштита, одбраната, кибербезбедноста и управувањето со границите.
– Особено позначајно е што договорот отвора простор за подлабока поврзаност помеѓу институциите, компаниите, инвеститорите, академската заедница, граѓанскиот сектор и експертските заедници на двете земји – рече, меѓу другото, Мицкоски.
За време на престојот на Пленовиќ во Македонија предвидена е и бизнис средба на сопственици на компании од двете држави.