ДАЛИ НИ СЕ ЗАКАНУВА ЧИП АПОКАЛИПСА Што навестува штрајкот на 48.000 работници во Самсунг?

Евентуален застој во производството на мемориски чипови може да предизвика нов глобален бран на недостиг на електроника – од смартфони и лаптопи, до автомобили, сервери и системи за вештачка интелигенција

250

Синдикатот на „Самсунг Електроникс“ најави штрајк откако разговорите за договор за бонуси пропаднаа, што ја загрози економијата на Јужна Кореја и глобалните испораки на полупроводници.

Синдикалниот лидер Чои Сеунг-хо изјави дека 18-дневниот штрајк на 48.000 работници ќе продолжи бидејќи менаџментот не попуштил во врска со најновата пречка во разговорите посредувани од владата.






– Сакам јасно да ставам до знаење дека го прифативме конечниот предлог презентиран од владиниот посредник. Изразуваме длабоко жалење и разочарување, но синдикатот планира да го продолжи штрајкот во согласност со законот – изјави Чои за новинарите.

„Самсунг Електроникс“ во соопштението изјави дека синдикатот инсистира на „неприфатливи барања“, вклучително и износот на бонуси за деловните единици што работат со загуба.

„Причината зошто не е постигнат договор е тоа што прифаќањето на прекумерните барања на синдикатот би ги прекршило основните принципи на управувањето со компанијата“, соопшти компанијата.

Акциите на „Самсунг“ паднаа за 3,1% по веста.

Владата најавува посебни мерки

Синдикатот побара Самсунг да го укине ограничувањето на бонусите, кое моментално изнесува 50% од годишната плата, 15% од годишната оперативна добивка да се издвојува за бонуси и овие промени да се формализираат за период подолг од една година.

Јужнокорејската влада се закани за време на викендот дека може да интервенира и да наложи итна арбитража, наведувајќи го негативното влијание што штрајкот може да го има врз економијата. Таа мерка, која ретко се користи, ќе го спречи штрајкот да продолжи 30 дена додека владата посредува во преговорите. Според некои процени, подолг застој би можел да ја намали економската активност на Јужна Кореја за половина процентен поен.

Самсунг учествува со речиси една четвртина од вкупниот извоз на земјата. Компанијата е исто така најголемиот производител на мемориски чипови во светот, а прекините во производството би можеле да влијаат на глобалните залихи во време кога бумот на вештачката интелигенција предизвика недостиг.

Што значи овој штрајк за светската економија?

Заканата од 18-дневен штрајк на десетици илјади вработени во јужнокорејскиот технолошки гигант Samsung повторно го отвори прашањето колку современиот свет е зависен од неколку фабрики за чипови.

Аналитичарите предупредуваат дека евентуален застој во производството на мемориски чипови може да предизвика нов глобален бран на недостиг на електроника – од смартфони и лаптопи, до автомобили, сервери и системи за вештачка интелигенција.

Иако дел од производството би продолжило со минимален број вработени, експертите проценуваат дека глобалната понуда на DRAM меморија може да падне за околу 4%, а NAND меморијата за околу 3 проценти. Тоа на прв поглед не изгледа драматично, но во индустријата за полупроводници и мал застој може да предизвика огромен ефект. Причината е што современите фабрики работат речиси без пауза, а производителите на уреди функционираат со минимални залихи. Ако се прекине испораката на чипови, синџирот брзо почнува да се распаѓа.

Најсилен удар би почувствувале производителите на смартфони и компјутери. Речиси секој модерен уред користи DRAM меморија и NAND складиште, а Samsung е еден од најголемите светски производители токму на тие компоненти. Тоа значи дека евентуален недостиг може да доведе до поскапување на телефоните, подолги рокови за испорака и помал избор на модели во продавниците. Особено чувствителен би бил секторот за вештачка интелигенција. Денешните AI системи зависат од огромни количества брза меморија, а Samsung е клучен снабдувач за серверите и дата центрите што ги користат најголемите технолошки компании.

Развојот на АИ инфраструктурата во опаснност

Некои аналитичари предупредуваат дека проблемите во снабдувањето би можеле да го забават и развојот на AI инфраструктурата. Автомобилската индустрија исто така би можела повторно да влезе во криза. Светот уште не ја заборави пандемијата, кога недостигот од чипови ги запре производствените линии на голем број автомобилски компании. Во модерните автомобили денес има стотици микрочипови – за моторот, безбедносните системи, навигацијата, камерите и инфотејментот. Ако производителите повторно останат без компоненти, можно е доцнење на испораките и раст на цените.

Во индустријата владее дополнителна нервоза затоа што побарувачката за мемориски чипови веќе е огромна поради експлозијата на AI технологиите. Конкурентите како SK Hynix и Micron Technology тешко можат веднаш да го надоместат евентуалниот пад на производството на Samsung. Токму затоа инвеститорите веќе реагираат нервозно на секоја информација поврзана со штрајкот.

Проблемот не е само технолошки, туку и геополитички. Денес неколку азиски компании контролираат огромен дел од светското производство на полупроводници. Поради тоа, секој поголем прекин – било штрајк, природна катастрофа или политичка криза – може да се претвори во глобален економски проблем.

Светот веќе еднаш ја почувствува „чип кризата“ за време на пандемијата. Тогаш се чекаше со месеци за автомобили, конзоли, графички картички и делови за компјутери. Денешната закана околу Samsung е потсетник дека дигиталната цивилизација зависи од неколку ултрамодерни фабрики – и дека еден штрајк во Јужна Кореја може да се почувствува во продавниците низ целиот свет.

Поврзани содржини