ЛУКА ЌЕ БИДЕ ПОГРЕБАН ВО ОДЕЛОТО ШТО РОДИТЕЛИТЕ МУ МУ ГО КУПИЈА ЗА МАТУРА Убиството на младиот разнесувач на пица им го скрши срцето на сите во регионот

Беше дете желно за учење, знаење и чесна работа, вреден и трудољубив. Слушнав дека имал просек 5,0 на училиште. Пред него беше иднината – раскажува неговата инструкторка за возење. Жителите на Дрниш за убиеното момче зборуваат само со пофални зборови. Лука планирал студии во Сплит и животот допрва бил пред него.

1,204

Хрватскиот град Дрниш, а со него Хрватска и поширокиот регион, тагува по 19-годишниот Лука Миловац, момчето кое во саботата вечерта беше убиено од Кристијан Алексиќ кому Лука му доставил пица. Лука следниот петок требало да ја прослави матурската вечер, а неговото семејство сега се подготвува за последното збогување со него.

Погребот ќе се одржи во вторник на гробиштата „Свети Иван“ во Дрниш. Неговата мајка одлучила Лука да биде погребан во оделото што требало да го носи на матурската прослава, пишува РТЛ.

Од Лука емотивно се прости и неговата инструкторка по возење Андријана Цигиќ, кај која пред неколку недели го положил возачкиот испит. Таа вели дека Лука работел за време на викендите за да не им биде товар на родителите.






– Беше дете желно за учење, знаење и чесна работа, вреден и трудољубив. Слушнав дека имал просек 5,0 на училиште. Пред него беше иднината. Лично не ги познавам неговите родители, но слушам дека станува збор за прекрасно и вредно семејство. Сметам дека ова е трагедија за целата наша држава и дека вакво нешто никогаш никому не смее да му се повтори – изјави Цигиќ.

Цела Хрватска е завиена во црно по страшното убиство на 19-годишниот матурант Лука Миловац во Дрниш.

Жителите на Дрниш за убиеното момче зборуваат само со пофални зборови. Лука планирал студии во Сплит и животот допрва бил пред него.

Граѓаните на Хрватска со право се прашуваат како Алексиќ, кој убил жена уште во 1994 година, бил осудуван и за напад во затворот Лепоглава, а во 2023 година кај него било пронајдено оружје, сепак бил на слобода. Жителите на Дрниш, како што пренесуваат медиумите, со години се плашеле од него.

Со Лука во последните мигови од неговиот живот бил неговиот пријател Иван. За ХРТ раскажа дека Лука се плашел да ја однесе храната на таа адреса, па му предложил да одат заедно.

– Како негов долгогодишен пријател, му понудив да одам со него. Му реков дека ќе бидам покрај него, дека сѐ ќе биде во ред и дека сум тука за него. Се качувавме по скалите, стигнавме до терасата, Кристијан ја отвори вратата и рече: „Влези, влези“, но Лука му пријде за да ја предаде доставата и во тој момент Алексиќ пукаше – раскажал потресениот Иван.

Тој потоа опиша што се случувало веднаш по пукањето.

– Кога го видов Лука како паѓа на подот, почнав да бегам, ги прескокнав скалите и влегов во автомобилот, но возилото се изгаси. Ја отворив вратата и го видов Алексиќ како трча кон мене, па и јас почнав да бегам. Стигнав до пицеријата и пријавив што се случило, им реков веднаш да одат во полиција – изјавил пријателот на Лука за ХРТ.

Полицијата утрото во понеделникот околу 6:20 часот соопшти дека Алексиќ е уапсен по речиси 28 часа бегство.

– Осомничениот 50-годишник е лишен од слобода и приведен во службените простории на полицијата, каде што е во тек криминалистичка истрага – соопшти полицијата.

Станува збор за маж кој уште во 1994 година со 17 убоди од нож убил 22-годишна девојка. „Индекс“ претходно објави и дека во 2020 година бил осуден за семејно насилство.

Министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ потврди дека против Алексиќ постоела уште една кривична пријава за насилно кривично дело додека бил на издржување затворска казна.

 

ГРЕШКАТА Е ОД 2023-ТА, ЗА АЛЕКСИЌ НЕМАЛО ПРИТВОР Убиецот од Дрниш се испрскал со бибер-спреј, бегал по пруга и по бункери

 

Поврзани содржини